Кацарска: Жалам што јавноста немаше можност да ги види сите снимки од 27-ми април

од Andreja Salpe

Откако во неделата на протестот наречен „Слобода за Уставобранителите“  беше побарано повторување на процесот на судење за случајот за  собранискиот упад на 27-ми април, судијката Добрила Кацарска која во првостепена постапка досуди 211 години затвор за обвинетите вели дека нема потреба за повторување на процесот.

Таа вели дека во текот на судењето биле сослушани голем број на сведоци, прегледани повеќе снимки и други докази предложени од обвинителството и одбраната, што значи судската одлука не е донесена само врз основа на еден измислен сведок.

– Жално е што секој еден граѓанин се впушта во оценка на висината на казните, иако пред себе ги нема доказите. Не може да стане збор за драконски казни ако се работи за конкретното кривично дело каде што е запретена најниска казна од 10 години затвор. Жалам што јавноста немаше можност да ги види сите оние снимки што ние ги гледавме во судница. Доколку јавноста ги гледаше сите тие снимки како се тепаат пратеници и надвор од прес центарот со клоци тупаници противпожарен апарат сигурно нема да има коментари дека станува збор за драконски казни – вели Кацарска.

Судијката Кацарска, но и обвинителката Вилма Русковска, која го застапуваше обвинението сметаат дека со барањата за укинување на пресудите политиката директно влијае врз судството. Русковска во изјава за Канал 5 вели дека законскиот текст на делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ врз кое беа донесени и пресудите одговарало на кривичните дела кои ги направиле сега осудените.

Слични содржини