„Ќе ти ги скршам нозете“: Халанд обвини шведски репрезентативец за навреди и закани

од Vladimir Zorba

Норвешката ѕвезда Ерлинг Халанд го обвини шведскиот дефанзивец Александар Милошевиќ дека го навредувал за време на натпреварот меѓу двете селекции од Лигата на нации. Норвешка победи со 2-1 на гости со двата гола на Халанд, а на крајот од мечот за Швеѓаните прецизен беше напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Ентони Еланга.

„Прво ми кажа дека сум ку*ва, што можам слободно да кажам дека не сум. Потоа ми рече дека ќе ми ги скрши нозете. Минута и пол подоцна постигнав гол. Добро испадна“, изјави Халанд за ТВ2 Норвешка по натпреварот.

Новото засилување на Манчестер Сити го прослави вториот гол на „Френдс арената“ пред Милошевиќ и им порача на шведските навивачи да молчат.

Сепак, Милошевиќ ја демантираше верзијата на Халанд.

„Јас не го кажав тоа. Непристојно е од негова страна да го каже тоа, бидејќи јас не зборувам норвешки, а тој не зборува шведски, па не знам како комунициравме. Не зборувам англиски на теренот, па чудно е што рече дека сум кажал работи што не сум ги кажал“, изјави дефанзивецот и додаде дека немало тензија меѓу двајцата.

„Тоа може да се случи. Сум играл на натпревари каде што сум бил многу полут“, изјави Милошевиќ.

21-годишниот Ерлинг Халанд веќе има 18 гола на 19 натпревари за норвешката репрезентација.

Слични содржини