Кевин Спејси обвинет за уште седум случаи на сексуална злоупотреба во Британија

од Stefanija Kuzmanovska

Актерот Кевин Спејси е обвинет за уште седум сексуални престапи во Велика Британија. Оскаровецот сега во таа земја се товари за вкупно 12 случаи на сексуално насилство што наводно се случило додека тој бил на чело на лондонскиот театар „Олд Вик“.

Кралското обвинителство објави дека обвинението е проширено со уште три случаи на недолично однесување, три сексуални напади и еден случај на принудување на лице на сексуална активност без нивна согласност, пренесува „Холивуд репортер“.

Спејси претходно беше обвинет за пет точки за сексуален напад во Велика Британија, а на претходното рочиште се изјасни за невин.

Судијата Марк Вол, кој го надгледуваше рочиштето, го одреди почетокот на судењето на 6 јуни следната година. На Спејси, сепак, му беше дозволено слободно да се движи.

Пред неколку недели, Спејси беше ослободен во случајот што против него го покрена актерот Ентони Рап, кој тврдеше дека бил сексуално вознемируван од постариот колега во 1980-тите.

И додека актерот стана „персона нон грата“ во Холивуд поради големите контроверзи кои го следат со години, тој ја оживува својата кариера во Европа, а Филмскиот музеј во Торино планира следната година да му додели награда за животно дело.

Слични содржини