Киелини: Време е да им се даде можност на младите да ги рашират своите крилја

од Vladimir Zorba

Ветеранот Џорџо Киелини емотивно се прости од навивачите на Јувентус за време и по натпреварот со Лацио (2:2). По 17 години во клубот, дефанзивецот одлучи дека е време да си замине. Тој смета дека тоа ќе им даде шанса на некои од помладите играчи во тимот да ги рашират крилјата и да покажат за што се способни.

„Моето деби беше против Месина, заземајќи го местото на Павел Недвед. Тоа беше почеток на една долга приказна што ме донесе овде. Заминувам со голема радост и мир, бидејќи оваа одлука ја донесов пред месеци, а не пред неколку недели или денови. Отсекогаш сум велел дека сакам да заминам кога сум на врвот и гледајќи ја кариерата што ја имав, мислам дека го постигнав тоа. Ова беше тешка година за Јувентус, но успеав повторно да докажам дека се уште можам да играм на највисоко ниво.Тоа ме наведе да се одлучам да се повлечам за да им дадам простор на младите, а бидејќи досега беа „мазени“ и „пазени“, време е тие да преземат поголема одговорност. Свесен сум дека некои од нив ги спречив од развојот, но сега ќе можат да ги рашират крилјата и да летаат, а јас секогаш ќе ги поддржувам“, изјави Киелини.

Дефанзивецот имаше договор со Јувентус до 2023 година, но една од причините поради кои порано реши да си замине е неуспехот на Италија да се пласира на Светското првенство во Катар.

„Јасно е дека ова ги забрза работите. Мојот план беше да ја завршам кариерата по Светското првенство, бидејќи по победата на Еуро 2020 верував дека можам да играм во Катар. Сега ќе можам да им отстапам место на другите играчи, но вистината е дека работите не тргнаа како што сакав. Јувентус и репрезентацијата ги оставам во добри раце, со млади и талентирани играчи кои се подготвени да ја преземат палката“, додаде ветеранот.

Конечно, тој навести дека размислува за предлози од МЛС во САД.

„Навистина не знам каде ќе одам. Ми претстои важно решение. Да стекнете искуство во странство може да ве збогати и на професионално и на културно ниво. Затоа, јас сум склон да пробам нова култура која е различна од животот во Јувентус, кој многу го сакам. Ќе разговарам за ситуацијата со моето семејство и наскоро ќе одлучиме“, заклучи Киелини.

Слични содржини