Кина ќе одлучи за судбината на планетата

од Vladimir Zorba

Доналд Трамп стана негативец во сагата за климатски промени. На Светскиот економски форум во Давос, американскиот претседател ја одигра својата улога совршено, брендирајќи ги застапниците за климата како „фатални пророци“, додека тинејџерката активистка Грета Тунберг го гледаше од публика, пишува Гидеон Рахман за „Фајненшал тајмс“.

Меѓутоа, ако ги погледнете броевите – за разлика од театарот – станува јасно дека битката за контрола на климатските промени сега зависи многу повеќе од тоа што се случува во Кина, отколку во Америка. Според научници, Кина сега е одговорна за генерирање 29 проценти од глобалните емисии на јаглерод диоксид, наспроти 16 проценти за САД, околу 10 проценти за ЕУ ​​и 7 проценти за Индија. Дури и по глава на жител, Кинезите сега емитуваат повеќе стакленички гасови од Европејците од 2014 година.

Како што сака да укаже администрацијата на Трамп, емисијата на стакленички гасови од Америка всушност се намали минатата година, иако за само 2,1 проценти. Ова во најголем дел се должи на фактот дека производството на јаглен на САД опадна нагло и сега е на ниво од 1975 година, за разлика од Кина, која продолжува да отвора нови електрани на јаглен.

Сепак, климатскиот скептицизам на администрацијата на Трамп (негирање, ако сакате) е важен. Соединетите држави беа лидер во градењето на најважните меѓународни институции и договори што го обликуваа сегашниот светски поредок. Ако се откажат од глобалните напори за борба против климатските промени, другите ќе треба да обезбедат лидерство за да постигнат меѓународен договор.

Сепак, зависноста на Кина од јаглен и нејзиниот авторитарен систем значи дека ќе биде тешко за комунистичката земја да го преземе глобалното лидерство за климатските прашања. Европејците се посветени на овој предмет, но веројатно немаат организација и меѓународно влијание да преземат одговорност. Дискусијата во ЕУ за наметнување на „прекуграничен данок на јаглерод“ – суштинско оданочување на увозот од високо загадувачки земји – може исто така да доведе до остри трговски спорови, што дополнително ќе го отежне постигнувањето на меѓународен договор.

Некој ќе треба брзо да обезбеди лидерство затоа што следната година ќе биде пресудна за меѓународните климатски напори. Во ноември, Велика Британија ќе биде домаќин на COP26, последниот самит на ОН за климатски промени. Ова ќе биде особено важна средба со оглед на тоа што земјите-учеснички се очекува да потврдат дека ветувањата што ги дадоа во согласност со Парискиот договор за климата во 2015 година, не се доволни за да се исполни целта за спречување на глобалното затоплување. На Самитот во Глазгов во ноември, тие мора да се посветат на поамбициозни и подетални цели за намалување на стакленичките гасови.

COP26 ќе започне само шест дена по претседателските избори во САД. Доколку Трамп биде реизбран, ќе потврди дека САД во суштина се откажале од глобалните напори за борба против климатските промени. На 4 ноември, ден по изборите, Соединетите држави официјално треба да се повлечат од Парискиот договор. Ова пак ќе го засили притисокот врз ЕУ, Кина, Индија и Велика Британија (како домаќини) да одржат витални напори за борба против климатските промени преку координирана глобална акција. Адам Туз, професор на Универзитетот Колумбија, кој ја пишува историјата на меѓународната политика вооднос на климата, рече дека ноември 2020 година ќе биде „клучен момент во светската историја“.

Една од впечатливите работи во врска со дебатата за климата во Давос беше начинот на кој проблемот се разоткриваше за секоја сесија – дури и оние што се чинеше дека се посветени на други теми. Особено впечатлив беше Ашраф Гани, Претседателот на Авганистан, кој рече дека негова најголема грижа е деградацијата на животната средина – дури и повеќе од долгогодишниот конфликт што сè уште владее со земјата: „Претходно имавме суша еднаш на 100 години, сега е скоро на секои пет“, истакна тој.

Африканските политичари во Давос истакнаа слични аргументи за зголемувањето на сушите во регионот Сахел и за тоа како промената на климата води кон конфликти за земја и вода и раселување на населението.

– После ден на вакви разговори, ми требаше пијалок. Затоа, отидов на дегустација на вино, само за да запознаам германски производител на вино, кој ми рече дека климатските промени го поттикнале да започне со садење лозови насади во Норвешка, рече Рахман.

Лошата вест за планетата е дека континуираниот раст на средната класа во Кина и Индија ќе ја зголеми побарувачката за автомобили, електрична енергија, месо и патувања во странство, создавајќи повеќе стакленички гасови. Добрата вест е дека кинеската влада повторува дека разбира дека климатските промени и загадувањето се директна закана за иднината на земјата, предизвикувајќи суши, недостаток на вода и покачување на нивото на морето, што им се заканува на големи градови како Шангај. Претседателот Си Џинпинг, исто така, покажа одредена посветеност на дејствување со животната средина преку напорите за подобрување на квалитетот на воздухот во градови како што е Пекинг. Кинеската влада исто така инвестираше пари и експертиза во развојот на обновливите извори на енергија.

Во наредните месеци, Кинезите и Европејците ќе се обидат да работат заедно за да изготват нови меѓународни цели за намалување на стакленичките гасови. Доколку биде успешна, следната конференција за климатски промени на ОН може да има надеж дека меѓународната заедница сè уште е во можност да се обедини за да се справи со заедничката закана за човештвото – што и да се случи на изборите во САД.

Слични содржини