Кинеската амбасада во Лондон: Престанете да ја клеветите Кина

од Stefanija Kuzmanovska

Кинеската амбасада во Лондон денеска остро ја осуди изјавата на лидерите на земјите членки на Г7, оценувајќи дека станува збор за мешање во нејзините внатрешни работи.

Амбасадата исто така апелираше да се престане да се клевети Кина.

На состанокот во Велика Британија во неделата, лидерите на Г7 ја повикаа Кина да ја подобри состојбата со човековите права во претежно муслиманскиот регион Синџијанг, повика на висок степен на автономија во Хонг Конг и ја истакнаа важноста на мирот и стабилноста во Тајван.

Кинеската амбасада во Лондон изрази големо незадоволство и остро се спротивстави на споменувањето на Синџијанг, Хонг Конг и Тајван, нагласувајќи дека се наведени „искривени факти и злокобни намери на неколку земји, како што се САД“, објави „Ројтерс“.

Во соопштението на кинеската амбасада во Лондон се вели дека среде пандемијата на коронавирус и глобалното економско забавување, би било покорисно да се промовира меѓународната соработка, отколку вештачки да се предизвикаат конфронтации и поделби.

„Мешањето во внатрешните работи на Кина не е дозволено и никој не смее да ја клевети Кина и да ги загрозува нејзините интереси. Ние решително ќе го браниме нашиот национален суверенитет, безбедност и интереси и ќе се спротивставиме на каква било неправда и напади“, се вели во соопштението на кинеската амбасада во Лондон.

Слични содржини