Ќучук: Разумно е извештајот за напредокот на Македонија да биде усвоен кога ќе биде јасен хоризонтот пред уставните измени

од Nikola Popovski

Во ЕП постои практика кога во одредена земја претстојат важни процеси, како што се избори, референдуми, важни уставни одлуки, како што е случајот со Република Северна Македонија, да не се испраќаат мисии или пишуваат извештаи за да не се влијае на внатрешните процеси во земјата . Вака бугарскиот европратеник и известувач зa Македонија во ЕП, Илхан Ќучук за „БТА“ го објаснил своето барање Комисијата за надворешни работи на ЕП да го одложи усвојувањето на извештајот за напредокот на нашата земја.

На прашањето зошто се претпоставува дека извештајот лошо ќе се одрази на процесите во земјава, Ќучјук се осврна и на бугарското искуство.

„Секој извештај е предмет на толкување. Властите велат дека е добар и дебатираат со напредокот наведен во делови од него, додека според опозицијата „ова е најлошиот извештај“. Во таков документ се присутни широк спектар на теми. И извештајот за Република Северна Македонија не се однесува само на билатералните односи. Во моментов, во Северна Македонија, усвојувањето на измените во Уставот за вклучување на Бугарите и заедниците во основниот закон е исклучително чувствителна тема. Мислам дека е подобро да се усвои извештајот за напредокот на земјата кога хоризонтот пред нив ќе стане појасен“, рекoл Ќучук.

Ќучук престојуваше во Скопје, каде се сретна со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и со првиот вицепремиер Артан Груби.

Предложените текстови за измени на уставот се уште не се усвоени на владина седница за да влезат во собраниска процедура. По лидерската средба на 7 јуни, СДСМ ѝ предложи на опозицијата да испрати свои претставници во работна група за да ги разјаснат деталите за предлозите за кои разговарале Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, со цел промена на основниот закон според преговарачката рамка на Македонија со ЕУ. По лидерската средба, Мицкоски рече дека го прифаќа предлогот на Ковачевски да влезе во Владата доколку не биде дел ДУИ , но и уставните измени да стапат на сила со одложен ефект откако Македонија ќе ги заврши преговорите со ЕУ.

Слични содржини