Климатските промени имаат поголемо влијание врз жените

од Stefanija Kuzmanovska

Силување, семејно насилство, присилни бракови… Меѓународна студија покажува дека климатските промени ја отежнуваат положбата на жените и девојчињата. И тоа не само во неразвиените земји, пренесува „Дојче веле“.

Нтои Санде имала 13 години кога била присилена да се омажи.

„Морав да се омажам затоа што моите родители не можеа да го хранат семејството повеќе. Порано имавме малку земја, но поплавите секогаш одново го уништуваа нашиот род“, вели Санде.

Приказната на ова девојче од Малавија е една од многуте содржани во студијата на Меѓународната унија за зачувување на природата и природните ресурси.

„Оваа студија покажува дека штетата која човекот ја нанесува на природата може да поттикне насилство врз жените“, вели директорката на Меѓународната унија за зачувување на природата и природните ресурси, Гретел Агилар.

Детските бракови како стратегија за опстанок за време на климатските кризи

Случаи како оној на Нтои Санде постојат и во другите делови на Африка. Во Јужен Судан и Етиопија е забележано значително зголемување на присилните бракови за време на сушите, кога девојчињата се присилно омажени, а за возврат семејството добива добиток.

„За време на кризите поврзани со временските услови, докажано е дека се зголемува бројот на принудни бракови. Тоа е стратегија за преживување во тешките времиња: да се ослободиме од дополнителни гладни усти и да заработиме нешто“, истакна во разговор за „Дојче веле“ Џулијан Шмукер, од хуманитарната организација „План Интернешнл“.

Недостатокот на ресурси исто така го зголемува ризикот од насилство, особено врз жените. На пример, долгиот пат до изворот на вода го зголемува ризикот жените да станат жртви на силување. Бидејќи ваквите тешки работи, како што е носењето вода, обично по правило се резервирани за жените. Особено во областите во кои владеат вооружените банди, жените на тој начин стануваат лесен плен. Истото важи и за собирање на дрва за огрев, наведува Дирк Бати од организацијата „Ворлд Вижн“.

Риба во замена за секс

Нов феномен се пoјавува покрај африканските брегови. Рибите поскапуваат поради се помалиот улов, а рибарите честопати од жените бараат секс во замена за риба.

Хуманитарните организации исто така го забележаа феноменот на жени кои биле изложени на семејно насилство во случај на послаб род поради суша во области каде жените се одговорни за земјоделството.

Традиционалната поделба на улогите во семејството е причина за смрт

Општо гледано, жените се особено погодени од ефектите од климатските промени онаму каде што нивната улога во општеството и семејството е подредена, што резултира со последица како што е ограничувањето на слободното движење во јавност.

Во Тајланд во 2004 година, во цунами загинаа многу повеќе жени кои се наоѓале во нивните домови. Во Бангладеш, многу жени смртно страдаат во поплавите затоа што ретко или скоро никогаш не бараат заштита во заедничките засолништа. За жените во муслиманскиот Бангладеш, едноставно не доликува да бидат во тесна просторија со непознати мажи.

Слични содржини