Клоп: Можеби звучи смешно, но заслуживме да победиме

од Vladimir Zorba

Ливерпул остана без победа и по третото коло во Премиер лигата, а поразот од Манчестер Јунајтед со 1:2 ги остави „црвените“ 7 бода зад лидерот Арсенал. Менаџерот на тимот Јирген Клоп призна дека ситуацијата е далеку од идеална, но сепак изрази мислење дека Ливерпул повеќе ги заслужил трите бода.

„Противникот беше многу агресивен на почетокот на натпреварот и стана јасно што ќе се случи. Тие ја погодија и стативата и почнавме да играме како што можеме дури по примениот гол. Немавме среќа во некои ситуации. Ќе беше убаво да израмниме пред паузата“, изјави Клоп.

„Вториот гол во нашата мрежа сигурно не помогна. Мене ми изгледаше како офсајд (голот на Рашфорд). Тешко ми е да прифатам, но немам избор. Кога го намаливме заостанувањето, играта стана нервозна. Ова дефинитивно не е резултат на кој се надевавме“, призна Германецот.

„Откако се смиривме, имавме многу шутеви, особено за гостување на „Олд Трафорд“. Не ги искористивме максимално и во вториот дел Де Хеа направи фантастични одбрани. Тогаш мечот можеше да се сврти. Бевме далеку од совршени. Беше јасно дека Јунајтед ќе нападне, а ние не бевме подготвени. Постојано сме во улога да стигнуваме, а кога противникот е толку добар во контранапад, станува уште потешко“, истакна Клоп.

„Нашата ситуација е комплицирана од аспект на тоа што имаме многу повредени. Во текот на неделата имав 14-15 играчи. Се надевам дека никој од нив нема да се повреди. Мислам дека заслуживме да победиме. Знам дека звучи смешно, но јас така ја видов играта. Ние сме во тешка ситуација, но таква е ситуацијата. Веќе размислуваме за средбите со Борнмаут и Њукасл“, додаде тренерот на „црвените“.

Слични содржини