Колев: Половина од персоналниот данок од плата на секој вработен треба да оди во буџетот на општината каде живее

од Берта Китинска

Економски и државен систем во кој само еден град во републиката се развива а сите останати се оставени да преживуваат е пракса која сликовито го одразува неодговорното владеење на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во изминатите 30 години.

Резултатот е пренаселено Скопје и испразнети градови и региони од републиката кои се целосно запоставени од инфраструктурен и економски аспект. Ако во годините пред независноста имавме повеќе економски силни региони во Македонија, со изразито развиена локална економија, денес сме сведоци дека годините системско уништување доведеа до економски, социјален, културен и општествен крах на сите региони, освен Скопје, кое стана вистинска „држава во држава”.

Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) смета дека еден од првите чекори што можат да се направат во насока на спречување на овие ретроградни процеси за внатрешноста е проектот со кој половина од персоналниот данок од плата на секој вработен треба да оди во буџетот на општината каде живее, а остатокот во државниот Буџет. Во следната фаза од овој проект се предвидува 1/3 од данокот на додадена вредност (ДДВ) што го плаќаат фирмите да се врати во општинскиот буџет.

Свежиот капитал ќе овозможи инвестициски бум во општините во внатрешноста на Македонија, кои често се заборавени со проекциите за капиталните инвестиции или на крајот, ги отсекуваат при ребалансот на Буџетот на Македонија.

Промената ќе го намали и револтот кај работниците кои не знаат како и за што државата ги троши парите што секој месец ги одвојуваат и од минималните плати.

Претседателот на ГДУ, Петар Колев објаснува дека овој нов чекор во веќе постојниот процес на фискална децентрализација ќе одигра клучна улога во раздвижување на регионалниот развој во Македонија.

„Финансиското јакнење на локалните власти ќе создаде и потреба за поголема одговорност, отчетност и транспарентност во работењето на градските татковци, но и воспоставување на контролни механизми кои ќе ги спречат да се однесуваат како локални шерифи. Овој процес треба да биде проследен од политичките реформи кои ги предлагаме, како што е и намалување на бројот на избрани советници. Инвестициите на општината ќе ги надополнуваат оние од Владата, за која предлагаме и воведување на законски ограничувања за да мора да ги реализира најавените капитални инвестиции. Предлагаме формирање гискален совет на национално ниво, особено што во некои делови од Македонија не важат законите, посебно кога станува збор за фискална дисциплина и работењето на УЈП. Ќе се заложиме за поголема предвидливост, постојаност и транспарентност на јавните финансии и државната поддршка манифестирана преку агенции, управи и министерства, како и трансформација на Министерството за труд и социјална политика преку насочување на инвестициите во засега инфериорните региони од земјава и потенцијалните олеснувања за инвеститорите насочени за работни места како прво вработување“, вели Колев.

Со промените и власта ќе го коригира својот однос кон градовите во внатрешноста, особено кон оние во источниот регион кои се целосно заборавени и испуштени во инвестициските планови.

„Во Штип имавме предвидено само една и единствена капитална инвестиција – брана на реката Отиња. Но, наместо потребните 3,2 милиони евра, власта износот го скрати на само 200. 000 евра. На овој начин не може да се раздвижи економијата во Истокот, тотално анти-економска и анти-логична постапка. А претставниците на власта не објаснија каде ги пренасочија средствата од буџетот за браната. Сценарио што нам веќе ни се случи кога 10 милиони евра за колекторскиот систем во Штип беа дадени за капитални инвестиции во Тетово и Битола“, вели Колев.

Финансиски зајакнатите општини, според ГДУ, ќе можат да ја превземат и одговорноста за регионалните болници во Штип, Кичево, Тетово, Прилеп, Охрид, Битола и други градови, за кои претставниците на партијата преку следниот собраниски состав ќе се заложат под итно да се реновираат и модернизираат.

Фискалната децентрализација и инвестициите во внатрешноста ќе отворат нови работни места и ќе бидат импулс за посилни локални компании кои мора да бидат столбот што ќе ги мотивира младите да останат во своите локални средини и таму да придонесуваат за сопствената и општа добробит и развој на својата заедница. Економски развиени локални средини значат и повеќе можности за развој на локалната инфраструктура, локалната култура и целокупниот локален општествен живот.

Слични содржини