Конте амбициозен: Можеме да се бориме со најдобрите тимови во Англија и Европа

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте, даде изненадувачки долг хоризонт на неговиот престој во тимот од Лондон. Тоа го направи на прес-конференцијата пред контролата на „мамузите“ вечерва против Рома од 20:15 часот по наше време во Тел Авив.

Италијанецот го презеде тимот минатата зима и брзо успеа да ги подобри резултатите и на крајот да го доведе до учество во Лигата на шампионите оваа сезона, што беше целта поставена пред него.

И покрај добриот настап, во неколку наврати даваше неизвесни и заобиколни одговори на прашањата дали ќе остане подолг период на чело на тимот. Летово „мамузите“ беа исклучително активни на трансфер пазарот и веќе привлекоа дури шест нови засилувања, што очигледно го убеди Конте во сериозните намери на управата да го поддржи во работата и амбициите на чело на тимот.

„Минатата сезона работевме многу добро за да го постигнеме местото во Лигата на шампионите. Во исто време ги искористивме проблемите на Манчестер Јунајтед и на три натпревари до крајот на сезоната заостанувавме четири бода зад Арсенал. Поради оваа причина, ние мора да се надоградуваме со играчите, како и нивно подобрување. Имаме уште многу простор за развој. Ова е млад тим и можеме да работиме заедно уште многу години за да се бориме против најдобрите тимови во Англија и Европа“, изјави Конте.

Тој има договор до крајот на претстојната сезона, но со опција за продолжување на уште една година. Летово „мамузите“ привлекоа дури шест нови играчи во лицето на Ричарлисон, Иван Перишиќ, Ив Бисума, Џед Спенс, Фрејзер Фостер и Клемент Ленгле, а за нив беа потрошени повеќе од 100 милиони фунти.

Слични содржини