Корона-вакцина само за богатите?

од Stefanija Kuzmanovska

Со забрзано темпо компаниите работат на развивање на вакцина против коронавирус. Тоа е глобална трка за здравје – но и за профит. Индустријата и политиката настојуваат да избегнат на крајот да дојде нееднаква дистрибуција, пренесува „Дојче Веле“.

Ќе дојде денот кога вакцината ќе биде готова. Која земја прва ќе ја има вакцината на располоагање? Ова во моментов се разгледува сериозно, вели за „ДВ“ експертот за здравствени прашања Илона Кикбуш.

„Во моментов нема меѓународни правила за правична распределба“, наведува таа.

Главна цел – профит

Во моментов, распределбата е оставена на пазарната моќ.

„Ова носи ризик дека Западна Европа, Канада, Јапонија и САД би можеле да бидат добро снабдени, бидејќи тие можат да платат повеќе. Тоа е проблем што постојано се појавува во фармацевтската област“, оцени експертот за здравствена економија Јирген Вазем во интервју за „ДВ“.

Фармацевтската индустрија одамна не е на добар глас кога станува збор за вакцините. Повеќе пати имавме ситуации кога постоеја проблеми со снабдувањето со вакцини, за што се одговорни компаниите со нивната политика за одредување цени. Но тоа е многу тешко да се докаже, додава Вазем.

Одредени вакцини никогаш не беа направени затоа што немаше доволно економски интерес за нив.

Надежта е – глобална агенција за набавки

Светот се обидува да избегне работите да бидат препуштени на пазарната моќ. За многумина е лошо да размислуваат за проблемите со снабдувањето и астрономските цени. Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, затоа ја прогласи вакцината против Ковид-19 за „јавно добро“.

И Ангела Меркел размислува исто така- и се подготвува за 4 мај. Повеќе земји, Европската унија и Фондацијата на Гејтс тогаш ќе се обидат да соберат повеќе од осум милијарди евра за Светската здравствена организација (СЗО). Од овие пари би можеле да настане глобална агенција за набавка на вакцини и лекови, објаснува Кикбуш.

„Агенцијата тогаш може правично да ги распредели вакцините според претходно договорен клуч“, вели Кикбуш, која самата е член на советодавниот одбор на СЗО.

Слични содржини