Ковачевски: Ќе ја подготвиме нашата држава за новото време

од Берта Китинска

Во Владата на Република Македонија денеска ќе се изврши примопредавање на функцијата и кабинетот помеѓу досегашниот премиер Зоран Заев и новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски.

Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но, во 2024 година. Дотогаш ќе работиме посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на граѓаните на државата, порача вечерва новиот премиер Димитар Ковачевски во завршното обраќање пред изборот на новата Влада.

Тој додаде дека искрено верува оти опозицијата ќе биде конструктивна и ќе соработува во интерес на носење на најдобрите одлуки за државата и граѓаните.

–Работа започнуваме веднаш. Веќе на утрешната седница на Владата отпочнуваме со носење на решенијата за енергетскаста криза. Утре ќе остварам и средба со новата германска министерка за Европа со која ќе разговарам за забрзување на евроитнеграциите. Веќе во вторник на мое големо задоволство ќе бидам домаќин на новиот бугарски премиер Кирил Петков со кого сакаме да воспоставиме нова соработка базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет, рече Ковачевски.
Најави дека Владата веднаш потоа ќе продолжи со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме, додаде тој, на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции. Ковачевски нагласи и дека секој министер во својот ресор и целата Влада имаат јасен и прецизен план за реализирање на поднесената програма со рокови и индикатори за следење на реализацијата и ефектите.

-Најавив и нудам партиципативност и уште еднаш ја повикувам целата опозиција за заедничка работа за клучните прашња. Нашите граѓани се обединети во барањата за подобар живот. За тоа единствено ќе работиме и бараме сите да ни се приклучите за да ја реализираме таа цел. Да престанат политичките, етничките и сите други поделби и заедно да работиме за решавање на клучните прашања, рече Ковачевски.

Побара да се тргнат личните и теснопартиските интереси на страна, бидејќи, како што нагласи премиерот, сега повеќе од било кога мора да соработуваме во интерес на граѓаните.

Тој верува дека новата Влада ќе успее да работи и подобро и поефикасно.

-Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. На сите граѓани им посакувам многу здравје мир и спокоојство во семејствата и ветување дека ќе направиме се за да ја заслужиме и оправдаме нивната доверба и да обезбедиме подобар живот за сите. Доаѓа ново време, доаѓа подобро време, рече премиерот Ковачевски.

Новата Влада на Димитар Ковачевски брои 21 член. СДСМ и коалицијатата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри. Нов вицепремиер за европски прашања е Бојан Маричиќ, Славјанка Петровска ќе раководи со Министерството за одбрана, Никола Тупанчевски е министер за правда, Славица Грковска вицепремиерка проти корупција, Оливер Спасовски останува во МВР, Љупчо Николовски е во ресорот земјоделие, Фатмир Битиќи останува вицепремиер за економски прашања, Јована Тренчевска министерка за труд и социјала, Благој Бочварски во транспорт и врски, Бисера Костадиновска е новата министерка за култура и Горан Милевски од ЛДП во локална самоуправа.

ДУИ ги задржува ресорите освен рокадата на Јетон Шаќири од ресорот информатичко општество во ресорот образование. Артан Груби прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими министер за финансии, Бујар Османи во ресорот надворешни работи, Крешник Бектеши економија, Насер Нуредини во животна средина.

Алтернатива ќе раководи со ресорот здравство каде нов министер е Беким Сали, Адмирим Алити ќе биде прв човек на МИОА, а Џемаил Чупи министер без ресор задолжен за дијаспората.
Денеска во 9 часот во Владата е закажано примопредавањето на функцијата премиер од Зоран Заев на Димитар Ковачевски.

Слични содржини