Ковачевски за е.GO: За прв пат во Македонија ќе биде произведен целосен автомобил

од Vladimir Zorba

Владата на Република Северна Македонија, застапувана и претставувана од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ”, денеска во ТИРЗ Тетово потпишаа договор за државна помош за нова инвестиција, која предвидува целосно производство на електрични автомобили e.GO.

По тој повод, денеска се одржа настан на кој се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

„Денес е еден од оние убави денови кога стануваат видливи резултатите од вложениот труд. Денес ќе се постават темелите на инвестицијата која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и ќе отвори најмалку 890 нови добро платени работни места.

Оваа инвестиција е од огромно значење за државната, но и за локалната економија и развојот на човечкиот потенцијал во Тетово и во државата. Со оваа значајна инвестиција, Северна Македонија уште еднаш потврдува дека е држава која нуди одлични услови за инвеститорите, со стабилна економска и политичка клима во која меѓународните компании како „НЕКСТЕ.Е.ГО” имаат партнер од доверба.

Она што особено ме радува е дека за прв пат, кај нас ќе биде произведен целосен автомобил. Во Северна Македонија и досега се произведуваа делови за автомобили од светските брендови, но сега имаме целосно производство на финален производ токму кај нас. И ова е навистина голема работа.

Оваа инвестиција ми е лично посебно драга. Не само затоа што ќе го промени на подобро животот на семејствата чии членови ќе работат тука, туку затоа што ќе го промени начинот на кој размислуваме за возилата. Затоа што ова е иднината, и на индустријата и на заштитата на животната средина. Меѓутоа ова е иднината и на образованието. Вакви инвестиции, вакви фабрики, ќе го сменат образованието во државата, бидејќи ќе направат нови потреби коишто ќе бидат неопходни.

Електричниот автомобил „е-Go” кој ќе се произведува овде во ТИРЗ во Тетово е корисен за урбани средини, истовремено одржлив, иновативен, економичен и без штетни емисии на гасови. Ова меѓу другото е нашиот влог за идните генерации.

Фабриката која ќе се гради овде во ТИРЗ зоната во Тетово, е составен дел од глобалниот производствен капацитет на „е-Go”, наменет да го снабдува и националниот и меѓународниот извозен пазар.

Кризата која веќе започна во целиот свет, нѐ научи дека постојано треба да вложуваме, да ги поттикнуваме и да ги стимулираме домашните и странските компании да инвестираат.

Ваквите инвестиции се доказ дека како Влада успешно ги користиме сите потребни механизми кои ги даваат очекуваните резултати овозможувајќи услови за понатамошен побрз и одржлив економски раст и развој“, истакна Ковачевски.

Слични содржини