Ковид-пациент „оживеа“ на пат кон мртовечница (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Кинеските окружни власти отпуштиле четворица вработени откако ковид-пациент од старечки дом во Шангај за кој погрешно се веруваше дека е мртов, бил „спакуван“ во вреќа и натоварен во погребална кола.

Во неделата, на интернет се појавија видеа на кои се гледаат двајца луѓе кои изгледаат како вработени во мртовечница како ставаат вреќа со тело во возило. Подоцна на видеото се појавуваат работници кои ја отвораат вреќата, а звуците сведочат дека пациентот е се уште жив.

Инцидентот предизвика бес на кинеските социјални мрежи.

Официјални лица во областа Путуо во Шангај го потврдија инцидентот доцна во понеделникот, додавајќи дека пациентот оттогаш е пренесен во болница и е во стабилна состојба. Властите, исто така, соопштија дека под истрага се пет службеници и еден лекар.

Меѓу четворицата разрешени лица се заменик-директорот на локалното биро за граѓански прашања и директорот на домот за згрижување. На лекарот кој бил идентификуван само со презимето Тијан, му била одземена медицинската лиценца.

Идентитетот на пациентот се уште не е познат.

Кина е една од последните преостанати нации сè уште посветени на искоренување на Ковид, за разлика од поголемиот дел од светот кој се обидува да живее со вирусот.

Слични содржини