Кралот Чарлс на специјалните поштенски марки на Велика Британија (ФОТО)

од Stefanija Kuzmanovska

Кралската пошта на Велика Британија ќе издаде специјална серија од 10 поштенски марки на кои за првпат ќе биде претставена силуетата на новиот британски крал Чарлс Трети.

Ликот на кралот Чарлс Трети за првпат ќе ја замени силуетата на неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, која почина во септември минатата година, на британските поштенски марки, јавува Би-Би-Си.

Овие поштенски марки покажуваат градинарски цвеќиња, а фигурата на кралот Чарлс Трети, прикажана од десниот профил, може да се види во горниот лев агол.

Поврзаноста на Чарлс Трети со градинарски цвеќиња го одразува фактот дека британскиот крал е познат како „страствен градинар“, изјави Дејвид Голд од Кралската пошта.

Овие поштенски марки може да се нарачаат од денес, а ќе бидат пуштени во поштенскиот сообраќај следната недела, додава Би-Би-Си.

Ликот на починатата кралица Елизабета Втора се користеше за специјални изданија на британски поштенски марки од 1968 година.

Поштенските марки со силуетата на Елизабета Втора ќе продолжат да се користат додека не се потрошат залихите.

Слични содржини