Кремљ ги отфрла обвинувањата за сајбер напади и мешање во изборите

од Stefanija Kuzmanovska

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес ги отфрли како неосновани обвинувањата на Велика Британија дека Русија се мешала на парламентарните избори во Велика Британија во декември 2019 година и дека руските разузнавачки служби стојат зад собирањето информации за вакцината за „Ковид-19“.

„Немаме информации за тоа кој би можел да ги хакира британските фармацевтски компании и истражувачки центри, но можеме да кажеме една работа: Русија нема никаква врска со овие обиди. Ние не толерираме такви обвинувања, ниту друго обвинување за руско мешање во изборите во 2019 година“, изјави Песков, пренесува ТАСС.

Пред пет дена британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, ја обвини Русија денес дека се обидува да се меша во изборите во таа земја во 2019 година.

Раб тврди дека Русија незаконски собирала чувствителни документи, кои се поврзани со планираниот договор за слободна трговија со САД, и ги објавиле на социјалните медиуми.

Исто така, британскиот Национален центар за компјутерска безбедност (NCSB) тврди дека хакери поддржани од Русија се обидуваат да украдат истражување за вакцината и третманот на „Ковид-19“ од академски и фармацевтски институции од целиот свет.

Координирана изјава на Велика Британија, САД и Канада ја обвини групата АПТ29, позната како „Cozy Bear“, за хакерски напади, за кои се тврди дека скоро сигурно функционираат во рамките на руските разузнавачки служби, пренесе Ројтерс.

Слични содржини