Курти: Србија мора да биде меѓународно санкционирана, очекувам поддршка од сојузниците

од Stefanija Kuzmanovska

Косовскиот премиер Албин Курти повторно, овој пат во интервју за црногорска „Побједа“ ја обвини Србија дека е директно вмешана во настаните во Бањска и посочи дека Белград мора да биде меѓународно санкциониран поради тоа.

На прашањето на авторката на интервјуто Тамара Никчевиќ дали Србија ќе може да продолжи со „агресивната политика на дестабилизација на Западен Балкан“, Курти го повтори тврдењето дека „терористичкиот напад на Бањска го загрози територијалниот интегритет, државниот суверенитет и националната безбедност на Косово“.

„Ќе повторам дека доказите собрани во спроведените истраги покажуваат директна вмешаност на државните институции на Србија во овој чин на агресија врз Република Косово“, изјави Курти.

 

„Имаме податоци за постоење на повеќе од 48 оперативни бази на српската војска и жандармерија во близина на граничниот премин со Република Косово, на неколку километри во внатрешноста на територијата на Србија. Има и противвоздушни системи, како и тешка артилерија“, рече Курти и додаде дека Приштина ги повика српските институции да ги затворат и демилитаризираат воените и жандармериските бази бидејќи тие „претставуваат постојана закана за безбедноста на Косово“.

Зборувајќи за можното учество на Русија во сите овие настани, Курти вели дека на Кремљ му помага дестабилизацијата на регионот на Западен Балкан.

Курти се осврна и на поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за настанот во Бањска и додаде дека очекува тој да биде екстрадиран на Косово, како и дека очекува дополнителна поддршка од „сојузниците на Косово“.

„Организациите ‘Цивилна одбрана’ и ‘Северна бригада’ мора да бидат прогласени за терористички организации од нашите пријателски, партнерски и сојузнички земји. Владата на Република Косово веќе го направи тоа на седницата на 29 јуни годинава“, додаде Курти.

Слични содржини