Курти тврди дека Грција е најблиску до признавање на Косово

од Radmila Tasevska
154 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Грција, од вкупно пет земји од ЕУ кои не го признале Косово, е најблиску до одлука тоа го стори, пренесува Косово онлајн.

Во интервју за полскиот медиум „ТВП Ворлд“, Курти нагласи дека Косово работи на својот дипломатски план за да постигне признавање од петте земји од ЕУ кои се уште не го признале. Тука спаѓаат Шпанија, Словачка, Кипар, Романија и Грција.

Но, косовскиот премиер Албин Курти, како што наведува полскиот медиуми, е оптимист дека неговата земја на крајот ќе успее да ги убеди државите да ја признаат независноста на земјата. Курти истакна дека во последните години Косово постигна одреден дипломатски напредок во однос на комуникацијата и соработката со овие пет држави, особено со Грција, која, според него, е блиску до признавање на Косово.

„Грција е прва на листата“, нагласи Курти.

Тој понатаму додаде дека желбата на неговата земја да влезе во ЕУ не е поттикната од само лични интереси, туку дека Косово сака да придонесе за ЕУ, што е најважниот политички проект за мир од Втората светска војна.

Курти, исто така, рече дека Косово, со оглед на евтината работна сила и мали трошоци за кирија, може да биде идеална дестинација за странските инвеститори.

Слични содржини