Леброн: Сезоната во „балонот“ е најтешкиот предизвик во мојата кариера

од Aleksandar Petrovski

Леброн Џејмс рече дека пласманот на ЛА Лејкерс во финалето на НБА-лигата по скоро три месеци поминати во „балонот“ Орландо е еден од најголемите предизвици во неговата кариера.

Триесет и пет-годишната суперѕвезда се подготвува за својот десетти настап во финалето на НБА во среда, кога „езерџиите“ излегуваат на паркетот против Мајами хит во спорот за титулата во невидена сезона, која започна пред 11 месеци. Пандемијата од коронаврус ја принуди НБА да ја прекине лигата во средината на март, а гневот и полициска бруталност речиси предизвика „Кралот“ и Лејкерс доброволно да ја завршат сезоната во август.

Џејмс, кој се надева на освојување на четвртиот шампионски прстен со трет различен тим по претходните триумфи со Мајами и Кливленд Кавалирс, рече дека оваа фрагментирана сезона е најтешка во неговата кариера.

– Ова е веројатно најпредизвикувачката работа што сум ја направил како професионалец, во смисла на посветеност на нешто и достигнување на тоа. Но, знаев кога ќе дојдам тука што ќе се случи. Беше исклучително тешко. Но, тука сум само од една причина и тоа е да се борам за шампионската титула. Тоа беше мојата поставеност пред да влезам во меурот – нашата главна цел беше да ја завршиме сезоната и да се бориме за титулата, изјави Џејмс пред новинарите.

Во јули тој се пошегува дека влегувањето во „балонот“ во Орландо е како затворска казна, признавајќи дека изгубил претстава за времето на Флорида.

– Јас дури и не знам колку денови поминаа. Колку и да е, се чувствува како пет години. Значи, не е важно. Никогаш не сум бил толку фокусиран и подготвен за натпревари во мојата кариера, вели Леброн.

Џејмс рече дека додека Лејкерси не заминаа за Орландо во јули, тој не бил сигурен до крајот дека сезоната ќе заврши.

– Не знаев дека е опција се додека не се качивме во авион од Л.А. за Орландо. Додека не слетавме овде, излеговме од авионот, влеговме во автобусот и пристигнавме во хотелот – дури тогаш сфатив дека сезоната ќе заврши, изјави тој.

Овогодинешното финале го исправа Леброн против неговиот поранешен тренер Ерик Сполстра. Двајцата ја освоија титулата во две последователни години – 2012 и 2013 година, но Џејмс се врати во Кливленд во 2014 година.

Еден од најдобрите играчи во историјата, за кој се шпекулираше дека има затегнати односи Сполстра, рече дека победата над Мајами нема да му додаде дополнително задоволство.

– Апсолутно не. Не е важно против кого играме во финалето. Веќе е доволно тешко да се стигне до финалето, да се биде во оваа позиција. Ако успеете да триумфирате во финалето, не е важно против кого ќе се случи тоа. Среќен сум што имав можност да бидам тука и да ги претставувам не само мене, туку и нашите навивачи, организацијата, соиграчите, стручниот штаб, тренинг штабот и многу други кои ја претставуваат оваа организација со најголема почит, заврши Џејмс.

Слични содржини