Левица: Породилниот надоместок повторно доцни – мајките оставени без пари

Оттаму упатија директни прашања до министерот за здравство, Азир Алиу, и директорот на ФЗО, Сашо Клековски, барајќи одговори за причините за новиот застој, изразувајќи сомнеж дека дека буџетот е испразнет поради, како што велат, расипничкото работење на функционерите

од Кристијан Димков
18 прегледи Фото: Фејсбук

Политичката партија Левица алармира за нов бран доцнења на породилниот надоместок, обвинувајќи ја власта за негрижа и неспособност во управувањето со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Иако веќе изминува месецот април, голем дел од мајките сè уште ги немаат добиено средствата за месец март, со што се оставени без основните примања потребни за егзистенција. Од партијата посочуваат дека исплатите се вршат селективно и по нејасни критериуми, додека од институциите пристигнуваат само неточни информации дека парите се очекуваат „секој ден“

„Некои мајки добиваат средства навреме, додека други чекаат две до три недели или повеќе. Не постои фиксен датум за исплата, туку секој месец мајките го дочекуваат со неизвесност.
Ова повторно ја докажува игнорантноста на десничарската власт кон мајките. Потсетуваме дека претходно пратениците на Мицкоски го одбија предлог-законот на Левица за забрана за отказ при бременост! Наместо системска поддршка за мајките кога наталитетот драматично опаѓа, десничарите на власт штедат токму на нив.“, се вели во соопштението на Левица.

Оттаму упатија директни прашања до министерот за здравство, Азир Алиу, и директорот на ФЗО, Сашо Клековски, барајќи одговори за причините за новиот застој, изразувајќи сомнеж дека дека буџетот е испразнет поради, како што велат, расипничкото работење на функционерите.