Лицето што го запали бугарското знаме би можелo да добие 5-годишна затворска казна

од Nikola Popovski

Основното јавно обвинителство Струга отворило предмет по допрен глас во врска со написите во одредени медиуми дека за време на одржувањето на Вевчанскиот карневал било запалено знаме на Бугарија.

„Предметот е оформен со цел да се испита постоење на кривично дело – Повреда на угледот на странска држава од член 181 од Кривичниот законик“, соопшти обвинителството. Полицијата го утврдува идентитетот на лицето што го запали знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани, по што ќе му поднесе пријава.

Ова е втор ваков инцидент за неколку месеци. Лани на 20 ноември во Гази Баба исто така беше запалено бугарското знаме и тогаш полицијата извести дека трага по лицето што го изврши кривичното дело.

Во 2014 година со измени на Кривичниот законик палењето на знамето на Македонија и на други држави е дел од кривичното дело предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, а предвидената казна е затвор од една до пет години (член 319).

Бугарија испрати демарш до МНР по вчерашниот инцидент и палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани. Осуда на настанот дојде и од претседателот Стево Пендаровски и од МНР.

Демаршот во МНР утрово го доставил бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, а за тоа, преку социјалната мрежа „Фејсбук“ информираше бугарската шефица на дипломатијата, Екатрина Захариева.

 

Слични содржини