Лукаревска: Со политиките на СДСМ, македонскиот јазик е на исто рамниште со европските јазици

од Stefanija Kuzmanovska

Како одредена власт или политичка опција се однесува кон културата, тоа го дефинира и нејзиниот однос кон вредностите и уште поважно кон иднината на земјата, како што нашиот концепт е за европски вредности и европска држава, нашиот концепт е за европска култура, рече заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска на партиска трибина на СДСМ во Гостивар.

„Нашиот концепт е за европска култура. И тоа е уште една суштинска разлика со концептот на опозицијата за изолација, заробена држава и заробена култура. Цели 11 години со ДПМНЕ граѓаните видоа какви последици може да има доколку културата се зароби, се стави во улога на криминални и партиски интереси на мала група луѓе. Се потрошија речиси 1 милијарда евра за споменици, барок и стиропор во центарот на Скопје додека системски се уништуваше културата. Видовме политички обид за културен инженеринг, упад во културното и идентитетско наследство. Немаше сегмент од културата којшто ДПМНЕ не го остави во катастрофална состојба“, потенцираше Лукаревска.

Со политиките на СДСМ, вели таа, македонскиот јазик, култура и посебност се на исто рамниште со европските јазици.

„Со државничките одлуки што ги носиме, потврдивме и осигуравме и европско и светско признание на македонскиот јазик и македонскиот идентитет! Ова беше година на заштита на македонскиот јазик. СДСМ е горд за се она што го има направено за заштита, унапредување и признавање на македонскиот јазик“, рече заменик претседателката на СДСМ денеска во Гостивар на трибината „Резултати што прават разлика“.

Слични содржини