Мајкрософт тврди дека кинески хакери шпионирале клучна американска инфраструктура

од Stefanija Kuzmanovska

Американската компанија „Мајкрософт“ и западните разузнавачки агенции соопштија дека кинески хакери, кои работат за својата земја, шпионирале клучни американски инфраструктурни организации, од телекомуникациите до транспортните центри.

За време на шпионирањето, една од целите била американската територија Гуам, каде се наоѓа стратешки важна американска воена база, додава „Мајкрософт“.

„Ројтерс“ наведува дека додека Кина и САД редовно се шпионираат, аналитичарите велат дека ова е една од најголемите познати кинески сајбер шпионажи насочени кон критичната инфраструктура на САД.

Американската Агенција за национална безбедност (НСА) соопшти дека работи со партнери од Канада, Нов Зеланд, Австралија и Велика Британија, како и со ФБИ, за да идентификува колку организации биле цел на нападот.

Канада, Британија, Австралија и Нов Зеланд се предупредени дека и тие би можеле да бидат цел на хакерите.

Аналитичарите на „Мајкрософт“ посочуваат дека кинеската хакерска група „Волт Тајфун“ развива способности кои би можеле да предизвикаат прекини во клучните комуникациски инфраструктури меѓу САД и Азија за време на идни кризи.

„Тоа значи дека се подготвуваат за таква опција. Активноста на Кина е уникатна и загрижувачка бидејќи аналитичарите сè уште немаат јасна слика за што е способна оваа група“, рече аналитичарот за закани од Google, Џон Хултквист.

Слични содржини