Македонија остана без датум за преговори, следна шанса е словенечкото претседателство

од Nikola Popovski

Денеска се одржа Советот за општи работи на ЕУ, на кој министрите за европски прашања на земјите членки на Унијата требаше да донесат одлука за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија, но тоа сепак не се случи. Одлуката е донесена по состанокот во Луксембург на министрите за надворешни и министрите за Европа на земјите членки.

Португалската државна секретарка, Ана Паула Закариаш, која претседаваше со денешниот министерски состанок, ја охрабри Словенија да продолжи да бара решение за преговорите со Северна Македонија врз основа на овој предлог.

-Португалското претседателство даде максимум за да изнајде компромис, решение, сакавме денес да имаме не две туку четири меѓувладини конференции, рече Закариаш алудирајќи на двете меѓувладини конференции што се одржуваат вечерва во Луксембург со Србија и Црна Гора.

Таа додаде ова е „тежок политички момент што го живеат Бугарија и Северна Македонија и ја охрабруваме Словенија да продолжи, да не го изгуби моментот“.

Бугарија инсистира на тоа дека спроведувањето на Договорот за добрососедство од страна на Република Северна Македонија треба да биде вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристап на Скопје во ЕУ. Бугарија го потврди својот став во однос на европската перспектива на РСМ и е отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство за изнаоѓање заемно прифатливи решенија, соопштиле за новинарската агенција БГНЕС од прес-центарот на тамошното Министерство за надворешни работи.

Заменикот министер за надворешни работи на Бугарија Румен Александров на денешниот состанок изјавил дека остануваат на своите позиции од 10 октомври 2019 година и дека очекуваат од Северна Македонија да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво дадени на 17 јуни 2021 година во Софија за да може да се придвижи процесот во позитивна насока. Инаку на тој датум македонска делегација во Софија предводена од премиерот Зоран Заев достави предлози кои не беа соопштени во јавноста.

Слични содржини