Македонија се празни: „Работа има, но 93% од невработените се функционално неписмени

од Берта Китинска

Недовербата во институциите ги создава клучните причини за заминување на граѓаните од Македонија. Наспроти сите декларативни заложби на централната и на локалната власт да се создадат мотивациски услови, особено за младите да останат и тука да ја градат својата иднина, трендот на иселување не сопира. За жал, ова е само показател на падот на квалитетот на животот во сите сфери.

– Од 2011 до 2019 година, од нашата држава се одлеале 700 илјади наши сограѓани или скоро секој четврти заминал од државата. Иако тој тренд се намалил во ковид-периодот, за жал, тоа претставува сериозен проблем, не само за носителите на јавни функции и за креаторите на политиките туку и за целото општество – изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Петте клучни причини за ваквиот тренд, според него, доаѓаат од недовербата во институциите. Недовербата во смисла на висока корупција, големата политичка нестабилност беа на прво место, а другите се подобар животен стандард, проблеми со образованието, проблеми со здравството, проблеми со перспективата за децата, тоа се работи што, веројатно, поради погрешните политики 30 години, придонеле да дојде до ова.

Дополнително загрижувачки од денешниот извештај е тоа што процентот на тие што сега имигрираат, за разлика од оние што имигрирале пред 20 или 25 години, е со пообразовна структура, значи со високо образование, наместо како што било пред 25 или 30 години, кога оние што имигрирале биле со пониско образование.

– Ова навистина е загрижувачки. Треба да видиме како активно да ги вклучиме, не велам да ги вратиме, да ги вклучиме за да ја креираме иднината на нашите млади генерации,подвлече Битиќи.

Но, бројните скандали во повеќе институции покажуваат дека при вработувањето и понатаму е поважна партиската припадност отколку професионалните квалификации. Вицепремиерот за економски прашања вели дека во Агенцијата за вработување процентот на невработени е навистина се уште висок, но 93,4 проценти од невработените се функционално неписмени, или значи дека нивните вештини не одговараат на пазарот на трудот.

-Има доволно барање за работна сила, но најголем дел од невработените се функционално неписмени, односно нивните вештини не одговараат на потребите на пазарот на трудот, кажа Битиќи.

Според него, поради масовното иселување од земјата се појавува празнина на пазарот на трудот и тоа е проблем на целото општество.

Слични содржини