Македонско – бугарски односи: Чекор напред, два чекори назад

од desk4

Чекор напред, два чекори назад. Вака познавачите на македонско-бугарските односи ја опишуваат состојбата во пресрет на 14 декември кога претседава Советот на ЕУ. Тоа е и  датумот кој претседателот на Франција Емануел Макрон го посочи како рок до  кога ги очекува првичните позитивни сигнали во спорот во кој Бугарија на тацна ги бара македонскиот јазик, идентитет, историја, а во поново време списокот го прошири со човекови права за т.н. македонски Бугари и нивно вметнување во Уставот.  За  барањата на Бугарија, директорката на Институтот  за европска политика Симонида Кацарска, за „Локално“ вели дека било какво формално прелевање на вакви прашања во преговорите, ќе ги отежни и веројатно целосно ќе онеспособи напредок во нив, бидејќи ќе ги легитимира ваквите позиции на државите членки и во иднина.

Како резултат на зголемените апетити во барањата од речиси целиот бугарски државен врв и понатаму пристигнуваат црни пораки дека Софија во декември нема да поддржи почеток на преговорите за Македонија. Со тоа на македонската јавност и станува појасно дека до крајот на годинава нема да има било какво поместувања во позитивна смисла околу македонската европска перспектива. Наспроти ставот на Бугарија и понатаму многу земји членки на  ЕУ го поддржуваат отворањето на преговорите со Скопје и Тирана.

Во таа насока и словенечкиот државен секретар за надворешни работи Гашпер Довжан неодамна по седницата на шефовите на дипломатиите на Европската Унија, изјави дека постои надеж, дека ова билатерално прашање може да се реши меѓу Македонија  и Бугарија. Тој рече дека станува збор за „кредибилитетот на ЕУ и на самиот процес на проширување“. И македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, не губи надеж. Тој во следниот период очекува да се формира владата во Бугарија и да почнат суштински разговори. Според Османи во декември има добри шанси да се најде решение, бидејќи Македонија нема друга алтернатива освен добрососедски односи со Бугарија.

– Немаме друга алтернатива освен заедничка европска перспектива. Се надеваме дека оваа политичка стабилност во двете земји ќе даде плод, рече Османи.

За различните гледишта на т.н. македонско бугарски спор но и за тоа ќе има ли какво било поместување, „Локално“ разговараше со директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска. Според неа, мали се шансите до крајот на годинава да има било какво решение за надминување на разликите во спорот.

-Искрено, мислам дека е малку веројатно да се направи исчекор во декември со оглед на тоа дека Бугарија нема формирано влада по изборите, а и кај нас ситуацијата е неизвесна по оставката на премиерот Заев. Притисок врз Бугарија има, но и лидерството во Софија ќе мора нешто да покаже дека испорачало. Нивната цел беше да се вметнат овие прашања во преговарачката рамка со што бугарската позиција би станала европска позиција. Сепак, нема расположение помеѓу државите членки за ваков чекор, а секако и ние тоа не го прифаќаме. Било какво формално прелевање на вакви прашања во преговорите ќе ги отежни и веројатно целосно ќе онеспособи напредок во нив, бидејќи ќе ги легитимира ваквите позиции на државите членки и во иднина, вели Кацарска за „Локално“.

Дека сеуште нема светло на крајот на тунелот потврдува и последниот телефонски разговор на старо новиот бугарски претседател Румен Радев со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Радев во разговорот потенцирал дека Софија очекува, дијалогот со Македонија да доведе до конкретни резултати, притоа акцентирајќи го почитувањето на правата на Бугарите во Македонија, трајно искоренување на јазикот на омразата и почитување на бугарската историја и културно наследство во Македонија. Радев информираше дека Софија е отоворена за дијалог и дека очекува одговори и реални дејствија од Македонија.

Радев, пак за да биде поблиску до европските принципи од неодамна го префли фокусот на односите меѓу двете земји од историски прашања на човекови права, односно на „почитување на правата на македонските Бугари“.
Ова значи дека Бугарија со секој нов ден ќе бара Македонија да ги вклучи Бугарите во својот Устав рамноправно со другите народи, нешто за што македонските власти пак, велат дека се подготвени да го сторат, но само непосредно пред или по влезот на земјата во ЕУ. Засега властите во Скопје одбиваат да сторат нешто околу тоа, но промена на бугарската позиција нема да биде можна без дејствување од нивна страна.

И привремениот бугарски премиер Стефан Јанев со јасни пораки дека нема отстапки од бугарската позиција.
Бугарските политичари се единствени и во барањето дека дневниот ред на билатералните односи меѓу Софија и Скопје не треба да бидат под влијание на надворешни фактори, туку да водат само меѓу двете земји и така да се придвижи напред процесот на евроинтеграција на Македонија.

Бугарските медиуми пишуваат дека најверојатно и новата влада нема да направи исчекор во овој правец, бидејќи двете партии од потенцијалната нова владина коалиција – Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Има таков народ (ИТН) се цврсто против каков било компромис со Македонија, додека победниците на изборите Промената продолжува (ПП) и Демократска Бугарија (ДБ) повикуваат на нов пристап за да се постигне напредок и да се придвижи земјава кон Европската Унија.

– Ако Скопје добие перспектива за придвижување кон ЕУ, тоа ќе им помогне на проевропските кругови за преземање анти популистички решенија. Но, доколку нема позитивни сигнали од бугарска страна, веројатно ќе продолжи засилувањето на анти бугарската реторика во Северна Македонија. Затоа одговорноста на Бугарија е огромна – и за власта и за опозицијата. Ако постои некое прашање за кое мора да се направат напори за изнаоѓање рационално решение ориентирано кон долгорочна перспектива, тоа е расплетувањето на јазолот со Северна Македонија, пишува бугарски Медијапул.

И додека Бугарија бара вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, Партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден ПИРИН во неколку наврати предупредува на корупција во бугарските институции околу издавањето на бугарски државјанства.

„Масовното давање бугарски државјанства на лажни основи на жители на држави кои не се членки на Европската унија, со регистрирање на живеалишта и седишта на фирми на лажни адреси, со десетици и стотици луѓе и фирми на иста адреса е јасен пример за корупција која може да има многу различни и опасни последици, предупредуваат од ОМО Илинден. Од таму велат дека ваквата појава била најизразена во времето кога во власта беше ВМРО БНД чии лидери беа активно замешани во скандалите поврзани со давање државјанства. Досега не е спроведена сериозна истрага, ниту е казнет некој. Ниту очекуваме тоа да се случи во Бугарија во која за 31 години демократија ниту еден корумпиран политичар не е осуден“.

ОМО Илинден Пирин апелира до институциите на Европската унија да започнат детална истрага, особено на лидерите на спомнатата партија и поставените од нив службеници и да преземе мерки за ставање крај на оваа политика на злоупотреба на членството во Европската унија по повеќе основи сите од кои се насочени или против вредностите на Европската унија или против нејзините интереси со казнување на виновните, велат од партијата.

Во меѓувреме Бугарија ја игра улогата на „кочничар“ на европската иднина на Македонија и Албанија, во регонот тече процесот на „Отворен Балкан“. На онлајн конференцијата  насловена како „Отворен Балкан – Пат кон стабилизација, соработка и просперитет на регионот“ која се одржа во Белград, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, рече дека дури и без пристапните преговори или, пак, со нивна намалена динамика од аспект на приближување кон ЕУ, земјите од регионот треба и понатаму да работат на реализацијата на европските стандарди и вредности.

– Живееме во регион што долго време е премногу потонат во историја и како што покажува случајот со мојата земја, дека овие прашања можат да предизвикаат целосен застој на европскиот пат. Треба да изградиме стратегија за приближување преку испраќање порака дека сме регион кој испорачуваме решенија наместо проблеми, дека сме ориентирани кон иднината, наместо заглавени во минатото, изјави Димитров.

Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека Албанија, Србија и Македонија се одлучиле за иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи веќе не можат да ги чекаат ветувањата од ЕУ.

– Не можеме да ја чекаме ЕУ, тие можат да ветат нешто, па да не исполнат, па пак ветуваат, па не исполнуваат, зависи од нив. Не можеме повеќе да чекаме, мораме да одиме напред, кажа Рама.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека за Србија, покрај основниот надворешно – политички приоритет на европската интеграција, подеднакво се важни и регионалната безбедност, стабилност и просперитетен регион, што го носи иницијативата „Отворен Балкан“.

-Многу е важно да се постигнат целите на иницијативата за слободно движење на луѓе, стоки и работна сила во регионот, рече Брнабиќ.

Американскиот заменик помошник секретар Габриел Ескобар изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, но веруваат дека оваа иницијатива нема да биде целосна без вклучување на сите шест економии од Западен Балкан.

Според Ескобар, во реализацијата на оваа иницијатива, Србија, Албанија, Северна Македонија ќе се соочат со многу предизвици, како што се контрола на границите по нивното отворање, подобра ефикасност на судовите, намалување на корупцијата, намалување на државната контрола врз економијата, но дека тие се подготвени да помогнат.

Б.Т.

Слични содржини