Мандиќ: Штом ќе ги видат првите резултати, и останатите економии од Западен Балкан ќе посакаат да бидат дел од „Мал Шенген“

од Vladimir Zorba

Визијата за подлабока економска интеграција на регионот засега ја споделуваат три држави: Србија, Северна Македонија и Албанија. Од Стопанската комора на Србија ексклузивно за „Локално“. посочуваат дека пристапувањето е отворено и за другите економии од Западен Балкан.

„Сигурни сме дека дека штом ќе ги видат првите резултати, ќе посакаат да бидат дел од оваа иницијатива’’, вели Марко Мандиќ, лице задолжено за регионална соработка при Стопанската комора на Србија.

Економската логика според него е очигледна и оди во прилог на потребата од ваков тип соработка.

„Заеднички ќе станеме многу посилни бидејќи заедничкиот пазар ќе стане попривлечен за странски инвестиции.Ќе станеме значајна точка на вкупниот инвестициски пазар“, вели Мандиќ.

Како особено важно го посочува  понатамошно отстранување на работните дозволи и поедноставување на постапките за добивање дозвола за привремен престој.

„Тоа значи дека некој кој работи во Скопје, може да работи и во Белград и Тирана и обратно.Постапката за пријавување нема да биде сложена, туку електронска, преку пријавување на посебно изработен портал. Предвидено е одговорот да биде брз, не подолг од седум дена. Со добиена потврда и број, лицето добива пристап на пазарот на труд за замјата во која аплицирал во траење од неколку години, со можност за продолжување’’објаснува Мандиќ.

Ова според него ќе значи и взаемно, автоматско прифаќање на академските и професионалните квалификации – на градежниците, лекарите, стоматолозите и други професии, кои ќе бидат прифатени во сите три земји.Целиот концепт предвидува и признавање на придонесите, осигурувањата..

Придобивките од здружените напори и заеднички пазар, според Мандиќ ќе ги почувствуваме сите, особено работниците и тоа преку подобри работни услови, но и повисоки плати.

„На овој начин ќе покажеме дека добра и успешна иницијатива може да дојде и од Западен Балкан, дека можеме да се менуваме сами, без некој од надвор да ни кажува, дека имаме политичка подготвеност за забрзување на реформите“, категорични се во Стопанската комора на Србија.

Меѓусебното помагање, според Мандиќ на државите од Западен Балкан ќе им помогне побрзо да се приближат до Европската Унија, но тоа според него не значи каков било ривалитет меѓу иницијативата и Унијата.

На економскиот форум што овие два дена се одржува во Скопје,ќе биде објавено новото име на регионалната иницијатива „Мини Шенген“.  Досегашното име според Мандиќ е промовирано од страна на медиумите, но вистински не ја одсликува целта на иницијативата.

„Името „Мини Шенген“ всушност се однесува само на слободно движење на луѓе, а оваа иницијатива подразбира многу повеќе- слободно движење на луѓе, но  и на стоки и услуги’’, вели Мандиќ.

Според него, придобивките вклучуваат  и постепено олеснување на ограничувањата за патување, таканаречени „зелени коридори“ на границите, односно непречен проток на стока, скратено време на чекање за камиони….

„Заедничкиот пазар ќе не направи поконкурентни за наjголемите европски и светски компании, а тоа е од непроценлива важност“, вели Мандиќ.

На Економскиот Форум,тројцата лидери- Вучиќ, Рама и Заев ќе потпишат Меморандум за разбирање за олеснување на увозот и извозот и движење на стоки во Западен Балкан, Договор за соработка за заштита и спасување од катастрофи и Договор за создавање единствен пазар на труд . На собирот учествуваат претставници од над 400 компании од Албанија, Србија, Северна Македонија и повеќе други земји од регионот, како и претставници од меѓународните институции.

К.В.С.

Слични содржини