Маск: Главниот конкурент на Tesla ќе биде кинеска компанија

од Vladimir Zorba

Најголемиот конкурент на Tesla Inc. најверојатно ќе биде кинеска компанија, изјави извршниот директор на американскиот концерн за електрични автомобили Елон Маск за време на дискусијата со аналитичарите по објавувањето на финансискиот извештај за последниот квартал, пренесе Bloomberg.

Запрашан за потенцијалот на кинеските автомобилски компании, Маск истакна дека тие работат „најпаметно“, опишувајќи ги како најконкурентни во светот.

„Кога би требало да погодувам, веројатно некоја компанија од Кина би била втора по Tesla“, рече милијардерот.

На 6 јануари, Tesla ги намали цените во Кина за своите модели, кои ги произведува во својата фабрика во Шангај, по претходниот круг на намалувања на цените за Model Y и Model 3 во октомври. Другите производители на автомобили, исто така, презедоа намалувања на цените за да останат конкурентни на најголемиот светски пазар на електрични возила, вклучително и голем број локални играчи како што е Xpeng Inc. и Aito, кој е поддржан од Huawei Technologies Co.

Водечкиот кинески производител на електрични автомобили е BYD Co., кој го престигна Tesla во продажба во 2022 година, вклучувајќи и пратки на plug-in хибридни возила.

Маск рече дека Кина е најконкурентниот пазар. Тој даде слични коментари и претходно, вклучително и за време на онлајн форум во септември 2021 година, кога рече дека има „голема почит кон многуте кинески производители на автомобили“.

Tesla произведе повеќе од 710.000 електрични автомобили во Кина минатата година, околу 52% од неговото глобално производство, иако работата во фабриката во Шангај беше нарушена поради мерките против Ковид. Според Маск, 2022 година била тешка година поради затворањето на локалната фабрика заедно со повисоките трошоци за задолжување и логистичките проблеми.

Според него, доколку нема неочекувани прекини, годинава производството на компанијата може да достигне 2 милиони возила.

BloombergNEF очекува продажбата на Tesla да порасне до 40% во 2023 година, а неговиот Model Y да биде најпродаваниот електричен автомобил во светот, кој најверојатно ќе влезе во топ 3 во вкупната продажба на модели со сите погонски единици.

Приходите на Tesla во четвртиот квартал достигнаа 24,3 милијарди долари, надминувајќи ги очекувањата на пазарот, при што компанијата објави приспособена заработка од 1,19 долари по акција.

Слични содржини