Меѓаши: Добивме загрижувачки дојави на СОС линијата за деца и млади

од Andreja Salpe

Детската амбасада МЕЃАШИ соопшти дека добиле загрижувачки дојави на СОС линијата за деца и млади поврзани со закани и опструкции врз ученици кои сакаат да го искажат своето незадоволство од образовните реформи.

Последниве неколку денови добиваме дојави за прекршување  на правата на средношколците, по повод најавата за донесување нов Закон за дигитализација на учебниците. Дојавите пристигаат на СОС линијата за деца и млади, на електронската пошта, на социјалните мрежи на Меѓаши, во (ин)директни разговори со засегнатите страни (ученици, наставен кадар, родители). Учениците се загрижени дека  „им е загрозено психо-физичкото здравје и дека им се занемарува здравствената состојба и заштита, според член 39 од Уставот на РСМ правото на здравствена заштита“. Самите средношколци укажуваат на социо-економската раслоеност, односно на кој начин сите ученици ќе бидат обезбедени со соодветни уреди, дали  тие со подобар животен стандард ќе имаат подобри уреди и можности за следење на наставата? Тие се прашувааат што ќе  биде со останатите ученици кои се со низок социо економски статус, колку ќе се исполни правото на еднаквост во делот на следење на наставата?”, велат оттаму

Тие исто така напоменуваат дека покрај дојавите од средношколци, добиле и повици и барања од загрижени и вознемирени родители, старатели во врска со бојкотот на онлајн наставата од страна на учениците. Во една од тие дојави се вели дека на учениците им се упатуваат предупредувања од класни  раководители дека со три неоправдани изостаноци следува укор и намалено поведение кои ќе произлезат од бојкотот, што претставува закана по правото на изразување на незадоволството од предвидените реформите и начинот на нивно имплементирање. Исто така и на фејсбук страните на Детската амбасада Меѓаши последниве денови стигнуваат пораки од загрижени родители кои тврдат дека децата им се уценувани со неоправдани  доколку ја бојкотираат наставата.

„Детската амбасада МЕЃАШИ го поддржува ученичкото организирање и остварувањето на нивните уставно загарантирани права, правата гарантирани со Конвенцијата за правата на детето и други меѓународни документи. Учениците имаат право да се самоорганизираат, здружуваат, да се залагаат за своите интереси пред институциите, да бидат слушнати и нивното мислење да биде земено предвид при донесувањето одлуки од страна на надлежните институции. Наместо да ги казнуваме треба да ги охрабриме, поддржиме и да им обезбедиме простор во кој ќе можат да го изразат своето (не)задоволство од решенијата на Министерството за образование и наука, простор во кој ќе бидат слушнати. Ги повикуваме Министерството за образование и наука и наставниот кадар да им овозможат на учениците да бидат дел од промените од кои се директно засегнати (Детско учество), да ги поттикнат учениците да се вклучат и да ги креираат промените заедно со носителите на одлуки, експертите, граѓанските организации, престставниците на институции и организации кои работат на полето на образование и да им дадат можност да ги изразат своите ставови и барања”, стои во соопштението

Слични содржини