Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да дозволи влез на храна и лекови во Газа

Во својата одлука, МСП предупреди дека Појасот Газа „веќе не се соочува само со ризик од глад, туку дека глад започнал“ и дека, според набљудувачите на ОН, 31 лице, вклучително и 27 деца, веќе умреле од неухранетост и дехидрација.

од Бети Божиноска

Највисокиот суд на Обединетите Нации вчера му нареди на Израел да овозможи непречен проток на помош во Појасот Газа за да се избегне глад. Најпотребната помош вклучува храна, вода, електрична енергија, гориво, засолниште и облека, како и средства за хигиена и медицински материјали, пренесува Би-би-си.

Со едногласна одлука, Меѓународниот суд на правдата (МСП) наложи дека Израел мора да дејствува без одлагање за да дозволи достава на итно потребни основни услуги и хуманитарна помош. Пресудата следува по предупредувањата дека Појасот Газа може да го погоди глад за неколку недели.

Израел ги нарече „целосно неосновани“ наводите дека ја блокира помошта. Реагирајќи на судската наредба, израелското Министерство за надворешни работи рече дека продолжува „да промовира нови иницијативи и да ги проширува постоечките“ за да овозможи континуиран проток на помош во Газа „по копно, воздух и море“, во соработка со ОН и другите актери.

Во соопштениеѕо се вели дека Хамас е виновен за ситуацијата во Газа и за започнување на војната. Израел тврди рече дека Хамас презема голем дел од помошта што влегува во Појасот Газа и ги обвини ОН дека не го дистрибуирале она што останало на цивилното население.

Најновата одлука на судот во Хаг доаѓа откако Јужна Африка побара од него да ја зајакне наредбата издадена до Израел во јануари да ги преземе сите мерки за спречување геноцидни дејства во Газа.

Иако наредбите издадени од МСП се правно обврзувачки, судот нема овластување да ги спроведе. Советот за безбедност на ОН е единственото тело на ОН кое може да воведе мерки за да се обиде да обезбеди почитување на пресудата.

Одлуката на МСП доаѓа по извештајот на Глобалната иницијатива за класификација на фазата на интегрирана безбедност на храната, која ја водат Светската програма за храна и други, кој беше објавен минатата недела и предупреди дека во Газа се развива „катастрофална“ ситуација.

Се извештајот се вели дека сите 2,2 милиони жители на Појасот Газа се „соочени со високи нивоа на акутна несигурност во храната“ и дека се предвидува оти гладот ќе го погоди северниот дел на територијата пред крајот на мај.

Во својата одлука, МСП предупреди дека Појасот Газа „веќе не се соочува само со ризик од глад, туку дека глад започнал“ и дека, според набљудувачите на ОН, 31 лице, вклучително и 27 деца, веќе умреле од неухранетост и дехидрација. Глад се случува кога во една земја има толку голем недостиг на храна што нејзиното население се соочува со акутна неухранетост, глад или смрт.

Судот, исто така, ги посочи коментарите на Волкер Турк, високиот комесар на ОН за човекови права, кој минатата недела рече дека гладот е „резултат на обемните ограничувања на Израел за влез и дистрибуција на хуманитарна помош и комерцијални стоки, раселувањето на поголем дел од населението, како и на уништување на клучната цивилна инфраструктура“.

Турк неодамна изјави дека постои „веродостоен“ случај оти Израел го користи гладувањето како воено оружје во Газа и дека, ако се докаже намерата, тоа би претставувало воено злосторство.

Последниве месеци постојано се формираат долги редици камиони со помош кои чекаат да влезат во Појасот Газа од Египет, а Израел беше обвинет дека ги изложува испораките на сложени и произволни проверки.

Слични содржини