Мелони: Италија ќе биде покрај Србија на патот кон Европа

од Stefanija Kuzmanovska
335 прегледи

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска во Белград изјави дека Италија ќе продолжи да биде меѓу првите земји во поддршката на проширувањето на Европската унија (ЕУ), како и дека ќе ја поддржи Србија на нејзиниот пат кон Европа.

Мелони оцени и дека Белград има „конструктивен пристап во дијалогот со Косово“, додавајќи дека „Италија работи на остварување на сите обврски кои страните ги презеле“.

„За Италија е важно Западен Балкан да се приклучи на европското семејство. Италија ќе биде покрај Србија на патот кон Европа“, рече Мелони на прес-конференцијата по разговорот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Италија е за проширување на ЕУ или, како што рече Мелони, „повторно обединување на Европа“.

Таа ја истакна важноста на односите меѓу Италија и Србија и изрази уверување дека тие можат дополнително да се развиваат.

„Целата работа што тие ја работат заедно (двете земји) ја покажува стратешката важност што Србија ја има за Италија“, додаде италијанската премиерка, потсетувајќи на одржувањето на бизнис форумот, меѓувладиниот дијалог и успешната трговска размена.

Говорејќи за војната во Украина, Мелони рече дека Италија е покрај Украина, дека ќе продолжи да ја поддржува и дека „сите треба да работиме на смирување на конфликтот“.

Таа рече дека во разговорот со Вучиќ разговарале и за ситуацијата на Блискиот Исток, по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, наведувајќи дека „Италија се занимава со хуманитарни работи во Газа“.

Слични содржини