Пред два дена Доналд Трамп го откажа патот на американските преговарачи во Исламабад, каде што требаше да се одржат индиректни разговори со иранската делегација. Претходниот круг преговори во пакистанската престолнина, одржан пред две недели, заврши без напредок, а американската делегација тогаш ја предводеше потпретседателот Џеј-Ди Венс.
Само еден ден пред изјавата на Мерц, американскиот претседател за Фокс Њуз изјави: „Ние ги држиме сите карти во рацете“, додавајќи дека ако Техеран сака да разговара, „можат да дојдат кај нас или можат да ни се јават“.
Обраќајќи им се на студентите во Марсберг, Мерц сугерираше дека токму тимот на Трамп е тој што е надигран. „Очигледно е дека Иранците се многу вешти преговарачи, или уште подобро, многу се вешти во избегнувањето на преговорите. Им дозволуваат на Американците да допатуваат во Исламабад, а потоа ги пуштаат да си заминат со празни раце“, рече тој.
„Целата нација е понижена од иранското раководство, особено од таканаречената Револуционерна гарда. Затоа се надевам дека сето ова ќе заврши што е можно побрзо“, додаде германскиот канцелар.
Иран во понеделникот изнесе нов предлог за договор за прекин на огнот, насочен кон отворање на Ормускиот теснец. Според официјални лица од регионот, расправите за нуклеарното оружје, проектилите, санкциите и другите прашања би се оставиле за подоцна. Според законот што го подготвува иранскиот парламент, бродските компании би морале да му плаќаат на Техеран „услуги“ за премин низ теснецот, што пред војната беше бесплатно.
Иранските претставници изјавија дека Техеран на крајот би бил подготвен да разговара и за нуклеарното прашање, но дури откако ќе престане американската блокада. Иранските преговарачи, исто така, се соочуваат со домашен притисок од Исламската револуционерна гарда и јавноста да не расправаат за нуклеарните прашања.
Посредниците вклучени во разговорите сметаат дека овој пристап веројатно нема да успее бидејќи не би исполнил ниту една од прокламираните воени цели на Вашингтон, кои вклучуваат траен прекин на иранската нуклеарна програма. „Ормускиот теснец е последица на војната, па како тогаш тоа прашање може да се решава прво?“, изјави еден дипломат запознаен со преговорите.
Меѓународната поморска организација на ОН (IMO) одлучно ја отфрли идејата за наметнување надоместоци за бродовите кои поминуваат низ Ормускиот Теснец. Генералниот секретар на IMO, Арсенио Домингез, изјави: „Не постои никаква правна основа за воведување какви било даноци, царини или надоместоци во теснецот кој служи за меѓународна пловидба“.
Иранската понуда „прво Ормутскиот теснец“, сепак, сугерира значително поместување во ставот на Техеран. Режимот претходно настојуваше да ја искористи својата блокада на извозот на нафта, гас и други стоки од Залтивот како лост за добивање широки безбедносни гаранции. Меѓутоа, по пропаста на преговорите во Исламабад, Трамп воведе противблокада на поморскиот сообраќај кој ги користи иранските пристаништа, што ја влоши длабоката економска криза во Иран.
Меѓународниот монетарен фонд предвиде пад на иранскиот бруто-домашен производ за 6,1% оваа година, додека годишната инфлација изнесува речиси 70%, со уште побрз раст на цените на основните прехранбени производи и здравствената заштита. Блокадата исто така го запре враќањето на празните ирански танкери во пристаништата, каде што би можеле да служат како складишта. На Иран му снемуваат начини за складирање на своето производство, а намалувањето на производството би имало долгорочни штетни последици за неговиот енергетски сектор.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во понеделникот во Москва се сретна со Владимир Путин и висока руска делегација, настојувајќи барем делумно да ги ублажи разорните ефекти од блокадата.
Според официјалните медиуми, Путин ветил дека Русија „ќе стори сè што е во интерес на Иран и на сите народи во регионот за да се постигне мир во најкраток можен рок“. Арагчи изјави дека „светот сега ја сфати вистинската сила на Иран“ и додаде: „Стана јасно дека Исламската Република Иран е стабилен, цврст и моќен систем“.
Никита Смагин, аналитичар за руско-ирански односи, изјави дека разговорите биле фокусирани на руската воена и економска поддршка, вклучувајќи ги транзитните рути за иранската трговија.
„Ако американската блокада продолжи, Каспиското Езеро и копнената врска со Русија ќе станат едни од малкуте преостанати рути за поврзување на Иран со светските пазари“, напиша Смагин. Израел ја нападна касписката рута во март со бомбардирање на иранското пристаниште Бандар Анзали. Но, и пред израелскиот напад, таа рута беше далеку од тоа да стане замена за Ормускиот теснец, низ кој поминуваше повеќе од 90% од иранската предвоена трговија.