Meta крати на трошоци: Нема веќе бесплатно перење алишта и хемиско чистење

од Vladimir Zorba

Се чини дека на раскошните бенефиции на вработените во Facebook им дојде крајот.

Матичната компанија Meta одлучи да ги намали трошоците и да ги укине поволностите што со години ги уживаа вработените во таа компанија. За да ги намали трошоците, технолошкиот гигант мора да укине различни бенефиции за своите вработени, вклучително и бесплатно перење алишта, хемиско чистење и сервис. Вработените исто така ќе треба да избираат помеѓу бесплатна вечера и возење со автомобил до дома, а остатоците од оброците мора да останат кај компанијата.

Вработените во компанијата биле изненадени и револтирани од последната одлука. Седум од нив беа подготвени да зборуваат за „Њујорк Тајмс“ под услов да останат анонимни. Според вработените во делот за коментари, многумина протестирале против одлуката.

Некои прашаа дали Meta планира да ги награди вработените на некој друг начин, како и дали компанијата направила анкета меѓу вработените за да утврди како новите промени ќе влијаат на нивното расположение.

Ендрју Босворт, еден од директорите на компанијата, ги бранеше промените и ги критикуваше вработените кои протестираа против одлуката.

„Искрено, кога видовме дека нашите колеги носат дома 10 кутии со оброци, тогаш никој не се грижеше за атмосферата. Одлуката е донесена со цел да се потиснат некои од злоупотребите“, истакна Босворт

Како одговор на укинувањето на овие бенефиции, претставниците на Меtа рекоа дека од оваа година ќе ги зголемат придонесите за здравствено осигурување на вработените од 700 на 3.000 американски долари. Актуелниот осигурителен фонд покриваше трошоци поврзани со физичко или ментално здравје, финансиско планирање и грижа за деца, стари лица, но и домашни миленици.

Портпаролот на компанијата изјави за „Њујорк Тајмс“ дека овие промени ја одразуваат новата реалност на хибридната работа.

Марк Закерберг, извршниот директор на компанијата, најави промени во компанијата што се движи кон „метаверзумот“, сè уште хипотетички виртуелен свет до кој пристапува технологијата за виртуелна и проширена реалност. Покрај разните нови слогани и промени во интерното брендирање, Закерберг најави и дека ќе ги нарекува вработените „мета другари“, пренесе Гардијан.

И покрај довербата на Закерберг во промената, компанијата доживеа историски пад минатиот месец, а податоците од последниот извештај покажаа дека за прв пат во историјата на компанијата бројот на корисници паѓа на дневна основа.

Акциите на Meta паднаа за 26,4 отсто за само еден ден во февруари, што е една од најголемите еднодневни загуби во историјата за една американска компанија.

Падот доведе до пад на личното богатство на Закерберг за речиси 30 милијарди долари.

Слични содржини