Мицевски не очекува изненадување од пратениците на ВМРО – ДПМНЕ при гласањето на уставните измени

од Radmila Tasevska

Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски не очекува изненадување од страна на нивните пратениците при гласањето на уставните измени, кои, според најавите, за две недели треба да се најдат во Собрание.

-Апсолутно не. Ние стоиме на тоа. Редовни координации организираме и не е прашањето до пратениците затоа што сите тие пратеници имаат легитимитет од граѓаните, а граѓаните се тие коишто се противат на ваков тип на уставни измени, вели Мицевски.

Тој посочи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е кохезивна, нема промена на ставот и остануваат на тоа дека нема промена на Устав под бугарски диктат и условите коишто се нудат.

-Затоа што континуирано укажуваме на забелешки во Собранието на сите негативни процеси коишто ги прават од периодот кога се носеше Договорот за добресоседство и пријателство па преку францускиот предлог и еве и оваа година откако упорно пробуваат да ја убедат јавноста дека имаат 80 пратеници, дека има некое проевропско крило, рече Мицевски.

Координаторот на пратеничката група уверува дека целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ е проевропска и оти останува на ставот дека брзи избори се решение за потоа, како влада да ги решаваат сите проблеми во општеството.

Мицевски денеска присуствуваше на два настани во организација на локалната самоуправа во Штип, каде беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Слични содржини