Премиерот Христијан Мицкоски синоќа во Виена остварил средба со нашите сограѓани од македонската дијаспора, со кои, како што објави, разговарале отворено за предизвиците, но и за можностите што ги имаме како држава.
Мицкоски, како што објави на својот Фејсбук профил, на средбите повикал „да размислат за враќање, за инвестирање и за активно вклучување во развојот на државата“, посочувајќи дека „како Влада, работиме посветено да создадеме стабилна и предвидлива бизнис-клима, која ќе ги охрабри таквите чекори“.
„Испратив порака до нашите луѓе во дијаспората, тие се нераскинлив дел од Македонија. Ги повикав да размислат за враќање, за инвестирање и за активно вклучување во развојот на државата. Како Влада, работиме посветено да создадеме стабилна и предвидлива бизнис-клима, која ќе ги охрабри таквите чекори“, рекол премиерот.
„Овие средби се важни затоа што градат заедништво и доверба. Убеден сум дека само заедно, со поддршка од дијаспората и со силни меѓународни партнерства, можеме да ја движиме државата напред“, порачал премиерот.
Мицкоски заедно со владина делегација престојува во официјална политичка и економска посета на Австрија. Во рамки на посетата Мицкоски, како што најавуваат од Владата, ќе оствари средба со канцеларот на Република Австрија, Кристијан Штокер на која ќе се разговара за продлабочување на билатералната соработка, како и за важни и актуелни прашања поврзани со Европа и регионот.