Мицкоски вели уставните измени се „предавство“, Османи најавува „црногорско сценарио“ – загрозен ли е „проектот Европа“ за Македонија?

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ засега е децидна на ставот дека нема да поддржи уставни измени и внесување на бугарското малцинство во Преамбулата. Нејзиниот лидер Христијан Мицкоски на Божиќ повтори дека „тоа не е обединување, туку предавство и уставните измени се еден од тие моменти кои внесуваат раздор помеѓу македонскиот народ кој е мудар“. Притоа тој повторно побара предвремени парламентарни избори.

Политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ смета дека ваквата изјава на Мицкоски е „скандалозна, лесна, непромислена, едноставна и глупава“. Тој во разговор за „Локално“ го образложува својот одговор.

-Што е наведено во драфт заклучокот на Советот на Европа од точката број 4: „(…) ќе овозможи зајакнување на еднаквите права на припадниците на малцинствата и заедниците во Северна Македонија и како таков ќе придонесе кон усогласувањето со Копенхашките политички критериуми“. И уште попластично: Советот на Европа ја поздравува намерата на Северна Македонија да започне и приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во рамките на границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите. Гледате ли што работи Мицкоски? Не работи ништо освен што ја подрива Европската интеграција на земјата. Од друга страна, Мицкоски не само што подрива и блокира, туку ја објаснува својата националистичка позиција: Бугарите се другост, тие се туѓо тело кое треба да се пресече, исклучи, отфрли. Тоа дополнително значи повикување на вештерки, војна на сите против сите, затоа што во оваа земја не се само бугарите, туку се и албанците, турците, србите, ромите, бошњаците… Мицкоски е непромислен човек и непромислен политичар. Стравувам дека може да предизвика сериозни меѓуетнички проблеми во земјата. Впрочем, тоа е и неговиот проект. Северна Македонија, со помош на Мицкоски, да ги блокира европските интеграции, порачува Јовановиќ.

Според него, со ваквите ставови, „целата опозиција оди во национализам и во перманентен конфликт“.

-Сите приказни дека ВМРО-ДПМНЕ е проевропска партија се лажни. Да ви опишам како функционира национализмот. Национализмот имено е опседнат со граници. Прво сака да ги поставува и сака да ги утврдува. Поставувајќи граници, сака и да поставува и луѓе. На пример, сите оние кои немаат предзнак „македонски“, лесно можат, дури и преку ноќ – во очите на националистите – да бидат непријатели и предавници ако, што знам, имаат предзнак „бугарски“, „албански“, „турски“, „српски“, „ромски“… Се’ она кое не е нивно и лично, тоа преку ноќ може да биде странско, туѓо, расипано, предавничко (продолжете ја низата додека ви „дофрла“ имагинацијата). Таквото поимање за луѓето е погрешно, ќе види кон запирање на Европските процеси, а следствено на тоа, ќе не’ одведе во нови конфликти, кавги и насилства. Треба да се води сметка за оние луѓе кои се покрај вас, без разлика како се изјаснуваат, истакнува тој.

Околу најавите на шефот на дипломатијата Османи за можно „црногорско сценарио“ доколку уставите измени не се случат до ноември, Јовановиќ вели дека „проектот Европа денес гледаме повеќе од било кога порано, не само што е загрозен, туку е и директно нападнат од ВМРО-ДПМНЕ и Левица“.

-Актерите не само што не се скриваат, туку и директно работат на подривање. Подривањето, пак, допринесува општеството да не се развива, да не се движи кон своите стратешки цели, а тоа е полноправно зачленување во Европската Унија. Се што е здраво ткиво во оваа земја, опозиционите партии – со центри во странство (Унгарија и Русија пред сите) – се обидуваат да го дискредитираат и компромитираат, а кај општото население да предизвикаат ретгроградни и антиевропски сентименти. А потоа? Потоа следнува мрак и страв. Е, за да не се најдеме повторно во таква ситуција како пред само неколку години, на самиот крај сакам да порачам: на патот за Европа ние имаме потешкотии, гледаме дека едните стојат наспроти другите, тешко се создаваат проевропски кохезивни заедници… Нам денес ни е потребен европски идентитет и европски граѓани – промислена Влада „од“ историски дефинираниот „народ“ – кохезија помеѓу европски граѓани и европски институции. И да чекориме, полека, трпеливо и непоколебливо, истакнува Јовановиќ.

Петар Арсовски

Петар Арсовски

Сегашната опозиција ќе се соочи со сериозен проблем ако остане на тој став, вели аналитичарот Петар Арсовски за „Локално“. Според него, „многу ќе биде тешко пред меѓународната заедница и еврофилите во македонскиот кампус и пред сите Албанци во земјата, ВМРО-ДПМНЕ да се претстави себе како партија која е за евроатлантски интеграции“.

-Нивниот став за уставни измени и ставот дека се за ЕУ се во коализија. Ако продолжат со таквиот наратив, ќе имаат голем проблем да го објаснат својот став, таа ќе стане конфликтна. Можно е да ја претстават како партија која е против евроатлантските интеграции, потенцира Арсовски.

На прашањето дали е можно „црногорско сценарио“ за земјава ако не се случат уставните измени, политикологот категорично вели дека треба да се стравува.

-Однапред е закажан тој прекин. Поглавјата во преговорите со ЕУ треба да се отвораат во јуни бидејќи тогаш завршува објаснувачкиот скрининг и после има процес на евалуација. Поглавјата треба да почнат во ноември, но ако тогаш не ги почнеме, автоматски имаме прекин во преговорите. Во овој случај само ние ќе бидеме виновни за тоа, не можеме да се вадиме на ЕУ или некакви внатрешни други проблеми во Унијата, туку само Македонија ќе остане единствен виновник зошто не ги продолжила преговорите, предупреди Арсовски во својата анализа.

Н.П.

Слични содржини