Мицотакис и Зеленски потпишаа заедничка декларација за евроатлантскиот пат на Украина

од Radmila Tasevska

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и украинскиот претседател Володомир Зеленски попладнево потпишаа заедничка декларација за евроатлантскиот пат на Украина, соопшти самиот Мицотакис на заедничката прес-конференција со гостинот од Украина по нивната средба, јавуваат грчките медиуми.

Украинскиот претседател допатува во ненајавена посета на грчката престолнина, каде подоцна вечерва ќе учествува на вечера и неформална дискусија со лидерите од регионот, со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

-Ние се спротивставуваме на секое незаконски сторено дело, рече грчкиот премиер на прес-конференцијата.

Тој се фокусираше на историските врски на Грција со Украина и со украинските граѓани со грчко потекло.

-Никој не ги заборава злосторствата во маченичкиот Мариопол, истото важи и за Одеса, како и за Киев и другите региони на вашата земја, рече Мицотакис, додавајќи дека Грција безусловно ги осудува воените злосторства во Украина.

„Русија го користеше природниот гас како оружје и неодамна го раскина договорот за жито. Последиците од војната ги надминуваат границите на нашиот континент. Над 50 отсто од житото се извезува со бродови на грчки бродари. Грција ги применува сите санкции против Русија, ние ќе го помогнеме вашиот европски пат, потпишавме заедничка декларација за евроатлантскиот пат на Украина. Нашата поддршка ќе продолжи. Пристаништето Александрополис е центар, наскоро ќе стане град-порта за природен гас“, рече грчкиот премиер.

Зеленски од своја страна и се заблагодари на Грција за поддршката и „вашата понуда да ја поддржите обуката на нашите пилоти на ловците Ф-16.

Украинскиот претседател додаде дека на неговата земја и е потребна помошта од Грција за одржување на отворен коридорот за извоз на жито.

Зеленски во Атина попладнево се сретна и со грчката претседателка, Катерина Сакеларопулу.

Слични содржини