Мицкоски: Ќе почнеме акција за собирање потписи за укинување на постојниот Закон за попис

од Nikola Popovski

„Се’ уште законот не е донесен во Собранието, иако е во процедура. Бараме власта да го повлече и да постигнеме консензус помеѓу сите политички чинители за безбеден и објективен попис кој ќе има вклученост на сите релевантни политички субјекти“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за ДВ.

Според него, доколку не се случи тоа, ќе почнат со акција за собирање потписи во подрачните канцеларии на Министерството за правда за носење на закон за укинување на постојниот закон за попис кој ќе биде основа за фалсификатот кој го турка власта.

„Тука бараме сеопштествена поддршка и мобилизација на граѓаните со цел да се спротивставиме. Се надевам на силна поддршка од граѓаните. Доколку и ова решат да го игнорираат од власта и да ја заобиколат волјата на граѓаните, тогаш јавно и јасно кажуваме дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од пописот кој ќе биде очигледен фалсификат, ниту тогаш, ниту во моментот кога ќе ја преземеме власта. И тоа ќе биде најасниот показател за самоволието и политичкиот инженеринг на власта со кој сака да се замолчат граѓаните и нивната волја“, вели Мицкоски.

Тој деновиве, како што најави, заминува во мини дипломатска офанзива, која освен Будимпешта и Љубљана ќе го вклучи и Загреб, каде што ќе има средби со политичари од регионот и Европа.

Слични содржини