Модерна: Финалното испитување покажа ефикасност од 94 отсто! Се бара итно одобрување

од Stefanija Kuzmanovska

Заврши финалното испитување на вакцината на „Модерна“ против Ковид-19, а пристигнаа и резултатите. Според последните тестови на вакцината на „Модерна“ против коронавирус, оваа вакцина е ефикасна 94 проценти, а никој што ја примил не добил тешка слика од болеста, соопшти компанијата. Процесот на регистрација е започнат во светски рамки!

Американската компанија ги достави сите податоци за вакцината до регулаторните тела во САД, Европа и Велика Британија, со цел да добие дозвола што е можно поскоро. Од компанијата велат дека Американската администрација за храна и лекови се очекува да разгледа одобрување на вакцината на состанокот на 17 декември.

Компанијата „Модерна“ со седиште во Масачусетс доби државни средства од 2,48 милијарди долари, а доколку вакцината биде одобрена, првите дози ќе им бидат дадени на САД.

За производство на оваа вакцина е искористена нова mRNA технологија, што значи дека бил користен генетскиот код на вирусот, а не умртвен вирус или кој било дел од него. Вакцината на „Фејзер“ е направена според истиот принцип.

Од компанијата велат дека никој од луѓето кои примиле вакцина не развиле посериозни несакани ефекти, а најчесто се јавувале болка во раката, главоболка и замор.

„Модерна“ е третата компанија што достави документација за регистрација на вакцина, по „Фајзер“ и Oxford / Astra Zeneca. Претходно беше објавено дека оваа вакцина ќе чини меѓу 32 и 37 долари по доза, додека вакцината од Оксфорд ќе биде значително поевтина – помеѓу три и четири долари.

Слични содржини