Муцунски: Службите се на терен, проблемите ќе бидат санирани

од Nikola Popovski

По силното невреме кое го зафати главниот град, градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и останатите советници и службите на Општината излегле на терен. Во активна комуникација со градските претпријатија градоначалникот појаснува дека работат на отстранување на проблемите кои настанаа по дождот кој беше проследен со силен ветер.

-Во моментов ги детектираме најпогодените точки во Општината и секаде каде што е забележана штета предизвикана од невремето. Повикуваме аеродромци да останат смирени бидејќи штетите ќе бидат посочени до надлежните градски претпријатија и ќе бидат санирани во најкраток рок, информира Муцунски.

Тој исто така соопшти дека централата во Општина Аеродром денеска ќе работи со продолжено работно време (од 19:30 до 22:00 часот) со цел жителите да можат да ги пријават штетите кои настанаа од силното невреме.

-Апелираме секоја штета предизвикана од невремето да биде пријавена на телефонскиот број 2400970, денеска во посоченото време или пак во наредните денови од 08 до 16 часот. Повикуваме на смиреност и претпазливост. Службите се на терен, а проблемите ќе бидат санирани во најкраток можен период, додаде градоначалникот на Аеродром.

Слични содржини