МЗШВ го одбележа Денот на тутунарите со најава на нови мерки за поддршка производството на тутун

За годинашнава реколта од МЗШВ најавија дека тутунарите ќе добиваат за 20 денари зголемени субвенции по класа предаден тутун.

од Бети Божиноска

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го одбележа денеска Денот на тутунарите најавувајќи за годинава нови мерки за поддршка на производството на тутун.

Од министерството посочуват во своето соопштение дека ја знаат и ја почитуваат маката на тутунопроизводителите, подвлекувајќи дека уште подобро знаат се грижат за тутунарите борејќи се за фер откупна цена, која ја цени маката на секој тутунар, и креирајќи конкретни мерки, за стабилно и на долг рок, развиено производство на тутун.

„Денес тутунарите имаат откупна цена која изнесува 365 денари по килограм предаден тутун, за разлика од 2016 година, кога цената бeше 220 денари,“ велат од МЗШВ.

Тутунарите до 2016 година добиваа субвенционирање од 60 денари еднакво за сите класи, со сложена процедура и бели картони. Денес субвенционирањето е зголемено и различно за секоја класа, односно 80 денари за прва класа, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа предаден тутун, а белите картони и сложената процедура стана историја.

За годинашнава реколта од МЗШВ најавија дека тутунарите ќе добиваат за 20 денари зголемени субвенции по класа предаден тутун.

„На располагање имаат нова мерка за поддршка по пријавена површина тутун, во висина од 6.000 денари по хектар. Мерка со која тутунарите стекнуваат право и на мерката за зелена нафта, со поддршка од 12.000 денари,“ велат од министерството.

Оттаму додаваат дека докажале оти се „искрен партнер на тутунарите, на секој еден земјоделец.“

„Докажавме дека знаеме како да го развиеме македонското земјоделство и дека можеме подобро. Нека е честит Денот на тутунарите. Продолжуваме заедно, посветено работејќи за уште поголем развој на тутунопроизводството и развој на македонското земјоделство,“ се вели во соопштението од МЗШВ.

Слични содржини