Премиерот има право да го состави кабинетот, одлуките ќе се почитуваат, вели Трипуновски на прашање дали ќе „подлегне“ на реконструкцијата

Во однос на интерпелацијата веќе го коментирав тоа прашање и сметам дека е беспредметна, јас со нетрпение очекувам кога ќе се оддржи седницата на Собрание каде ќе ги соочиме аргументите, изјави Трипуновски

од Vladimir Zorba
72 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Влада

Пријавувањето за субвенции за земјоделците што го вовела претходната власт, според министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, направило проблеми и многу земјоделци останале без потребните субвенции. Тој ова го изјави на прашање на „Локално“ како ќе одговори на обвинувањата на опозицијата дека Министерството за земјоделство ги скратило сите програми за субвенции за помош на мали и средни земјоделци и дека единствено државата ги помага гголемите земјоделски комбинати.

-Пријавувањето за субвенциите кое што беше воведено од претходната власт правеше дополнителни проблеми во делот на овие кои што сакаат и заслужуваат да користат македонски, односно, субвенции од државниот буџет . Со промените намалуваме бирократски проблеми и губење време и многу земјоделци кои требало, а нема да добијат субвенции. Такви случаеви имаме во претходните 2022 и 2023 година каде 7.000 земјоделци не успеаја да добијат субвенции, тврди тој.

Министерот посочи дека со новата програма што тие ја вовеле се скратуваат бирократските процедури и дека сите земјоделци кои произведуваат храна, и за дома и за извоз, може да се пријават засубвенции.

-Оваа влада предвидува на секој што учествува во процесот на производство, без разлика дали е голем, среден или мал производител. битно е секој што ќе учествува во производство на храна за домашниот пазар или за извоз, да добие субвенции согласно програмата за 2026, изјави Трипуновски.

Опозициската СДСМ му поднесе интерпелација на Трипуновски со тврдење дека за две години нема развојна политика во земјоделството, туку само криминал, а земјоделците на кои најмногу им е потребна помош останале без поддршка.

-Во однос на интерпелацијата веќе го коментирав тоа прашање и сметам дека е беспредметна, јас со нетрпение очекувам кога ќе се оддржи седницата на Собрание каде ќе ги соочиме аргументите. Мислам дека аргументите се на наша страна и мислам дека имаме доста направено во овие две години за македонското земјоделство, но еве ќе слушне и јавноста на самата интерпелација, изјави Трипуновски.

За најавената реконструкција на владата на прашањето дали смета дека тој ќе биде еден од министрите кои ќе бидат сменети, тој изјави:

„Во однос на реконструкцијата на Владата, премиерот го има полното право да го состави владиниот кабинет. Одлуките секогаш се почитувале, така ќе се почитува и сега“.

Е.Б.