На Фицо му е забранет прелет над Балтикот на пат кон Москва – сега бара помош од Полска

Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој добил покана да учествува на воената парада во Москва по повод Денот на победата на 9 мај, сега се обидува да стигне до Русија преку Полска. На овој потег се одлучил откако балтичките држави одбиле да му дозволат на неговиот авион прелет преку нивниот воздушен простор, пренесува полската новинска агенција ПАП

од Кристијан Димков
33 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Times Now World

Портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, Мациеј Вевиор, потврди дека Полска примила барање од Словачка за дозвола за прелет на авионот на Фицо кон Москва. Тој додаде дека барањето во моментов се разгледува.

Фицо пред два дена се пожали дека Литванија и Латвија не му дозволуваат премин низ нивниот воздушен простор за да присуствува на воената парада во Москва. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха јавно им се заблагодари на Латвија, Литванија и Естонија за таквата одлука.

Ова не е првпат словачкиот премиер да се соочува со вакви проблеми; балтичките држави и минатата година го блокираа неговиот авион на пат кон Москва. Поради тогашната забрана, Фицо беше принуден да лета по јужна рута преку Унгарија, Романија, Црното Море и Грузија.

„Литванија и Латвија веќе објавија дека нема да ни дозволат лет над нивната територија. Зошто? Земји-членки на Европската Унија не му дозволуваат на премиер на друга земја-членка да лета над нивната територија“, изјави Фицо, додавајќи дека сигурно ќе најде алтернативна рута, како и минатата година кога беше блокиран од Естонија.

Роберт Фицо и сега веќе поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан долго време се сметаат за најцврсти сојузници на Русија во рамките на Европската Унија. Двете земји систематски се спротивставуваат на обидите на Унијата да ја зголеми поддршката за Киев додека руската агресија врз Украина продолжува. Сепак, политичката сцена во регионот се менува; Орбан на неодамнешните избори на 12 април загуби од Петер Маѓар, кој треба да ја преземе функцијата во наредните недели.

Додека повеќето европски држави Денот на победата го одбележуваат на 8 мај, Русија своите големи воени паради ги одржува еден ден подоцна. Фицо не се откажува од патувањето во Москва и покрај постојаните апели од европските функционери да се бојкотира настанот поради војната во Украина.

Покрај дипломатските тензии околу прелетот, Словачка ги заострува односите со Брисел и по прашањето на санкциите против Москва. Додека Европската Унија го подготвува 20-тиот пакет санкции против Русија, официјална Братислава се заканува со блокада.

Словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар јасно порача дека неговата земја е подготвена да стави вето доколку не добие цврсти гаранции поврзани со нафтоводот „Дружба“. Преку овој нафтовод, кој поминува низ Украина, руската нафта стигнува до Словачка, а Братислава го смета за клучен за својата енергетска стабилност.