На кого не му одговара Законот за рестриктивни мерки: „Тој што сака да искорени корупција, а не прави ништо на патот за ЕУ, блефира дека е посветен на борбата“

од Nikola Popovski

Лицата кои ќе се најдат на црните листи на САД и Велика Британија ќе бидат процесуирани и во правниот систем на нашата држава. Ова го предвидуваат измените во Законот за рестриктивни мерки кои добија зелено светло на владина седница, но се заглавени во собраниската Комисија за надворешна политика. Институцијата предлагач мора да ги испрати сите материјали и докази до Јавното обвинителство. Врз основа на овој закон, е должно веднаш да започне истражна постапка, а доколку истата заврши со поднесување обвинение, тогаш носителот на јавната функција е должен привремено да ја напушти функцијата, до правосилна судска одлука. Но, ако се работи за правни лица, тогаш тие не можат да учествуваат во јавните набавки, доколку има таква одлука, до правосилна одлука на судот.

Препирките на релација власт-опозиција оставаат впечаток дека законските измени можно е и да не се донесат во мандатот на актуелната техничка влада, со оглед дека Собранието нема да има активности во текот на изборната кампања. Дел од аналитичарите оценуваат дека имаме потреба од ваков закон, кој ќе придонесе во справувањето со корупцијата. Според професорката на правниот факултет „Јустинијан Први“, Ана Чупеска кон ова е потребна и неопходна политичка волја и за системот на неказнивост целосно да се надмине, а во тоа секако главна улога ќе одиграат евроинтегративните процеси кои неминовно водат кон системски и законски усогласувања без кои борбата против корупцијата би била речиси невозможна.

Ана Чупеска

Професорката не очекува дека изборните резултати ќе бидат резултат на промоција и претставување на реални политики, со оглед на тоа што, како што вели, дел од опозицијата сеуште има дилема околу нашето членство во НАТО, како и нашите интегративни процеси во ЕУ.

-Овие дилеми не се скриени во политичката пропаганда и се главна алатка во кампањата на одредени политички партии затскриен под плаштот на чување на идентитет, јазик и ред други прашања кои се измислуваат само за цел на пропаганда, вели Чупеска за „Локално“.

Соговорничката оценува дека листата сигурно ќе се проширува, но сепак граѓаните се тие кои треба да ја препознаат пораката и да не потпаѓаат под ударот на лажната пропаганда која наметнувајќи националистички реторики сака да ја маргинализира борбата против корупцијата.

-Сам по себе Законот за рестриктивни мерки не е доволен. Доколку не биде поткрепен со обврските кои ни се задаваат во процесот на ЕУ интеграција, тешко дека ќе можеме да се справиме со ваквите појави, децидна е Чупеска.

Во однос на перцепцијата во јавноста дека пратеникот и претседател на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски го блокира законот, професорката порачува дека не е изненадена.

-Како што е впрочем кочничар и на отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, што само по себе ја покажува „волјата“ на ВМРО за вистинско справување против корупцијата. Впрочем Милошоски е еден од водечките креатори на политиките на Груевски, а кој е всушност е нов во тимот на сегашниот Мицкоски? Мора да ни биде јасно на сите дека тој што сака да искорени корупција, а не прави ништо на патот за ЕУ, блефира дека е посветен на борбата со корупцијата, заклучува Чупеска.

Ненад Јовановиќ

И аналитичарот Ненад Јовановиќ тврди дека Законот за рестриктивни мерки може да придонесе за справување со корупција, кога пред тоа ќе дефинираме зошто корупцијата е лоша пракса.

-А дефиницијата гласи: населението заминува од земјава, демократијата е под закана од десницата, пари има малку, правна држава има се’ помалку. Единствено што има се’ повеќе е корупција и фашизам. Кога на ова прашање ќе одговориме, тогаш ќе можеме да одговориме и на вашето прашање, вели Јовановиќ за „Локално“.

Според него, „опозицијата ништо не зборува, туку само блокира закони, сплеткари и лаже“.

По последното обновување на црната листа со нови имиња и дали нешто се променило во делувањето на личностите, соговорникот тврди дека на корупцијата најмногу може да влијаат медиумите, а не законите.

-Тие, медиумските добри духови, се единствените свиркачи кои можат да делуваат на законот и коруптивните афери, рече аналитичарот и додава:

-Владата во моментов ја блокираат опозиционерите. Таа реакционерна екипа која планира земјата да ја врати во статус кво, односно во комплетна изолација. Тука се мешаат и некои руски страни преку трети лица.

На прашањето дали донесувањето на овој закон, најмногу не ѝ одговара на опозицијата, Јовановиќ дециден дека секој што блокира напредни закони во корист на граѓаните е јатак или играч на реакционерната опозиција.

-Сите тие со се гаќи се антиевропејци и авторитарци кои се обидуваат повторно да ја заробат земјата и нејзините граѓани. А кога ќе ги заробиш граѓаните, по автоматизам ги заробуваш и нивните заеднички пари и јавни добра, наведува политичкиот аналитичар.

Н.П.

Слични содржини