Најмалку двајца Палестинци се убиени, а 11 ранети во обид да се вратат на северот на Газа

од Stefanija Kuzmanovska

Најмалку двајца Палестинци се убиени, а 11 се ранети додека се обидувале да се вратат во своите домови во Беит Лахи, на северот на Појасот Газа, пренесува „Ал Џезира“.

Откако утрово стапи на сила четиридневното примирје, Израел објави дека Палестинците претходно раселени на југ се обидуваат да се вратат на северот од енклавата.

Израелската војска објави соопштение во кое се вели дека очекува Хамас да го искористи прекинот на огнот за да се обиде да ги убеди граѓаните да се вратат на север.

„Жители на Газа, нема да биде дозволено движење на населението од југот на Појасот кон север, ние го одобруваме само обратното. Ви препорачуваме да не се приближувате кон воените сили северно од Појасот Газа. Искористете го ова време за да го надоместите она што ви недостига и да ги средите своите работи“, напиша на арапски портпаролот на израелските одбранбени сили Авичи Адри на платформата Х (Твитер).

Портпаролот додаде дека северот на Газа е борбена зона која е забранета за цивилното население и дека, и покрај привремениот прекин на огнот, војната не е завршена.

Слични содржини