„Сите за Палестина“ со протестен марш низ Скопје по повод израелскиот закон за смртна казна за Палестинци

„Република Северна Македонија е потписничка на повеќе меѓународни конвенции поврзани со човекови права, вклучително и забраната на смртната казна, и конвензијата против геноцид“, велат од иницијативата

од Nikola Popovski
50 прегледи Фото: Фејсбук профил на ЗХГ

Иницијативата „Сите за Палестина“ ја повикува јавноста и медиумите во недела, на 19 април 2026 година, со почеток во 12:00 часот, пред Симфонија на мирот во Скопје да се вклучи во протестен марш до Министерството за надворешни работи.

Протестот се организира по повод Меѓународниот ден на палестинските затвореници и како дел од глобалниот повик за акција против најавената примена на смртна казна врз палестинските заложници и нелегално затворени лица.

Како што информираат оттаму, според достапните податоци, повеќе од 9.100 Палестинци во моментов се задржани во израелски затвори. Од нив, 3.544 лица се во административен притвор без обвинение и без судска постапка, меѓу кои има 450 деца и 63 жени. Овие случаи отвораат сериозни прашања за почитувањето на основните човекови права и меѓународните правни стандарди.

-Во изминатиот период, со донесување на новиот закон, се овозможува воведување на смртна казна како дел од државната политика, без право на жалба и со селективна примена. Ова претставува сериозен преседан и дополнителна ескалација на системското бришење на палестинскиот народ и нова етапа во геноцидот што се врши врз палестинскиот народ последниве две години.

Во овој контекст, јавноста има право да биде информирана, а институциите да бидат повикани на одговорност, особено имајќи предвид дека Република Северна Македонија е потписничка на повеќе меѓународни конвенции поврзани со човекови права, вклучително и забраната на смртната казна, и конвензијата против геноцид.

Протестниот марш има за цел да изрази солидарност со невините луѓе кои се планира да се погубат преку јавно бесење, да укаже на потребата од
почитување на меѓународното право и да поттикне јавна дебата за актуелните случувања, потенцираат од „Сите за Палестина“.