Арсенкова: Израелската држава е највиновна за порастот на антисемитизмот во Македонија

Од граѓанската иницијатива „Сите за Палестина“, велат дека цврсто стојат против антисемитизмот, исламофобијата и секоја форма на колективна вина

од Vladimir Zorba
74 прегледи Фото: Сите за Палестина

Нападот врз сингогата и објектот на Еврејската заедница во Скопје, според граѓанската иницијатива „Сите за Палестина“ е јасен израз на антисемитизам и прави противуслуга на борбата за слободна Палестина.

-Обидот за палење на синагогата и објектот на Еврејската заедница во Скопје можеби некои го гледаат како протестен чин, но место да му пружи отпор на геноцидниот режим во Израел, ги нападна основните принципи на достоинство, соживот и верска слобода преку јасен израз на антисемитизам. Ова е голема противуслуга во борбата за слободна Палестина бидејќи ја потврдува тезата на ционистичката идеологија дека единствено етнички чиста држава може да биде безбедна за еврејскиот народ, наместо да покаже дека соживот на различни култури и религии не само што е можен, туку е и единственото пожелно решение, изјави за „Локално“ Марија Арсенкова, од граѓанската иницијатива „Сите за палестина“ .

Таа смета дека за жал, самата израелска држава е највиновна за порастот на антисемитизмот во Македонија, но и во светот.

-Онаа структура што требаше да го штити еврејскиот идентитет сега го претвори во лесна мета на осуда и теории на заговор со своите ненаситни империјалистички апетити. Затоа, секој бунт против геноцидот во Газа треба да се упати кон државните структури што се одговорни за него – САД и Израел – а не против народите што живеат таму, изјави Арсеникова.

Таа објаснува дека  солидарноста со еден народ не може и не смее да се потпира на омраза за друг народ.

– Напротив, вистинската солидарност се темели на почитување на човековите права, достоинството и безбедноста на сите луѓе. Како иницијатива „Сите за Палестина“, цврсто стоиме против антисемитизмот, исламофобијата и секоја форма на колективна вина. Омразата не е решение. Насилството не е отпор. Почитта и солидарноста се единствениот пат до мирот, изјави Арсеникова.

Е.Б.