Леви: Антисемитското расположение е во пораст во Европа, тоа имаше влијание и во Македонија

Антисемитското расположение е во пораст во Европа, тоа најверојатно имаше влијание и кај нас, така што и кај нас има одредено антисемитско расположение, изјави за „Локално“ Пепо Леви, претседателот на Еврејската заедница во Македонија 

од Vladimir Zorba
50 прегледи Фејсбук/Еврејска заедница во РМ

Дали е антисемитизам или хулиганство обидот за опожарување на синагогата во Скопје не знам, но секако е дека луѓето се многу вознемирени, изјави за „Локално“ претседателот на Еврејската заедница во Скопје Пепо Леви.

Евреите кои живеат во Македонија, според Леви досега немале особени проблеми, предизвикани од антисемитистичко расположение во Македонија, но додава дека по ова што се случи минатиот викенд, тие се многу вознемирени.

-Искрено се надевам дека ќе биде пронајден сторителот. Но тоа дури не е ни толку битно, битно е да извлечеме поука од вакви работи да не ни се случуваат. Вакви работи во Македонија не се случиле од 1943 година кога се однесени во логорот Треблинка, 7.144 Евреи. Нешто такво оттогаш се нема случено во Македонија. Ова е прв пат да се постапи толку гнасно и затоа сме толку вознемирени, изајви Леви.

Тој додава дека антисемитското расположение во Европа воопшто е во пораст и дека пропагандата има силно влијание.

– Очигледно е дека пропагандата работи со полна пареа, што се вели. Јас не знам колку во јавноста се изнесуваат вистинити податоци и се она како е, но многу е непријатна таа војна. Тоа во Газа предолго траеше, ова со Иран сега… така што антисемитското расположение е во пораст во Европа. Тоа најверојатно имаше влијание и кај нас, така што и кај нас има одредено антисемитско расположение. Но во кој обем и како, не би можел да кажам. Но мислам дека нашаа полиција ги држи работите под контрола и не би требало да дојде до некои прелевање на немири во нашата земја во никој случај, изјави Леви.

Тој додаде ќе почекааат полицијата да го фати одговорниот за палењето на синагогата, за да се види кои се мотивите за тоа.

Дел од медиумите веќе објавија дека полицијата истражува поврзаност со терористичка група, но од Министерство за внатрешни работи велат дека засега можат да ги споделат само оние информации за тоа што е пронајдено и утврдено. За истрага во тек, и што и како се истражува од МВР не коментираат.

Според информациите од МВР, во неделата на 12 април во СВР Скопје било пријавено дека во двор во верски објект е забележан канистер за гориво со траги од горење.

-Веднаш по добиената пријава од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот, подигнати се траги и предмети и истите се дадени на вештачење. Извршени се разговори со граѓаните од околината на објектот, прегледани се снимките од камерите на околните објекти, како и видео материјалот од системот Безбеден град. Се преземаат и дополнителни мерки и активности за утврдување на идентитетот на сторителите со цел расчистување на случајот по што соодветно ќе биде известена јавноста, изјавија од МВР.

По настанот, амбасадорката на Израел во Македонија, Вивијан Ајзен објави видео од безбедносните камери на кои се гледа како две лица ја прескокнуваат оградата и прскаат со запалива течност кон објектот и ја палат.

Е.Б.