Научници: Коронавирусот се пренесува преку воздух, СЗО да ги промени препораките

од Vladimir Zorba

Многу научници тврдат дека постојат докази дека коронавирусот во мали честички во воздухот може да зарази луѓе, па затоа ја повикале Светската здравствена организација (СЗО) да ги промени своите препораки.

СЗО наведува дека коронавирусот првенствено се шири од личност до личност со капки, од носот и устата на заразено лице при кивање, кашлање или зборување.

Во отвореното писмо на СЗО, 239 научници од 32 земји презентирале докази кои покажуваат дека помалите честички можат да ги заразат луѓето. Тие планираат да го објават своето писмо во научно списание следната недела, пишува Њујорк Тајмс.

Дури и во својата последна корекција во врска со коронавирусот, СЗО наведува дека пренесувањето на вирусот по воздушен пат е можно само по медицински процедури кои произведуваат аеросоли или капки помалку од пет микрони, и дека соодветна вентилација и маски N95 можат да помогнат во тие ситуации.

Не е важно дали коронавирусот се пренесува преку поголеми честички по кивање или од помали честички создадени со дишење, коронавирусот се пренесува преку воздух и може да зарази луѓе кога ќе го вдишат, велат научниците.

Сепак, СЗО наведува дека доказите за такво пренесување на вирусот, односно пренесување преку воздух, не се убедливи.

„Во последниве месеци неколкупати посочивме дека веруваме дека е можно пренесување на воздухот, но за тоа нема цврсти докази“, рече Бененета Алегранци, директор на програмата за спречување и контрола на инфекции на СЗО, додавајќи дека се водат дискусии.

Во почетокот на април, група од 36 експерти за квалитет на воздухот и аеросоли го повикаа СЗО да ги земе предвид растечките докази за пренесување на коронавирус преку воздух. Агенцијата реагираше брзо и ја покани д-р Лидија Моравска, лидер на групата и долгогодишен консултант на СЗО.

Д-р Моравска и други посочија на неколку случаи кои укажуваат на пренесување на вирусот преку воздухот, особено во слабо вентилирани и преполни затворени места.

Тие рекоа дека СЗО прави вештачка разлика помеѓу аеросолите и поголемите капки, иако заразените луѓе ги произведуваат и двете.

„Од 1946 г. знаеме дека кашлањето и зборувањето создаваат аеросоли“, рече д-р Линзи Мар, експерт за пренесување на вирусот преку воздух од Вирџинија Тек.

Научниците не успеаја да одгледаат коронавирус од аеросоли во лабораторијата. Но, тоа не значи дека аеросолите не се заразни, рече д-р Мар, додавајќи:

„Повеќето примероци во овие експерименти доаѓаат од болнички простории со добар проток на воздух што би го разредило нивото на вирусот“.

Во повеќето објекти, рече таа, „протокот на воздухот обично е многу помал, овозможувајќи вирусот да се акумулира во воздухот, што претставува поголем ризик“.

Д-р Мар и други експерти рекоа дека коронавирусот бил најинфективен кога луѓето биле во долгорочен контакт, особено во затворен простор, близу едни до други, што е она што научниците го нарекуваат пренесување на инфекцијата од страна на мали честички (аеросол).

Слични содржини